Амбасада на САД го осуди насилството во Собранието

Сподели

Амбaсадата на Соединетите Американски Држави вечерва го осуди насилството во Собранието, во кое беа повредени неколку пратеници, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Од амбасадата порачаа дека насилството не е во согласност со демократијата и е неприфатлив начин за решавање на разликите.

„Најостро го осудуваме насилството во Собранието. Тоа не е во согласност со демократијата и е неприфатлив начин за решавање на разликите. Клучно е сите страни да ги почитуваат демократските процеси и законот и да се воздржат од насилни акции кои можат да ја влошат ситуацијата. Мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседател на Собранието, во рамките на регуларна и континуирана сесија на парламентот на која сведоци беа јавноста и медиумите. Ние ќе работиме со него за поддршка на демократијата и за унапредување на интересите на Македонија“, стои во реакцијата на амбасадата.