Анемија поради недостаток на фолна киселина (витамин Б9)
Фолната киселина, позната уште како витамин Б9, спаѓа во групата на витамини Б, кои се хидросолубилни (растворливи во вода). Овој витамин учествува како коензим во разни биохемиски реакции (синтеза на пурин и пиримидин, синтеза на метионин и друго). Недостатокот на фолна киселина може да доведе до низа здравствени проблеми: мегалобластна анемија, дефекти на невралната туба при развој на плодот кај бремени жени, покачување на нивото на хомоцистеинот што доведува до други пореметувања итн.
Мегалобластната анемија предизвикана од фолатен дефицит настанува поради нарушување во процесот на создавање на „здрави“ еритроцити. При оваа состојба, наместо нормални еритроцити, коскената срцевина продуцира нефункционални еритроцити. Бидејќи еритроцитите се задолжени за транспортот на кислород, а нивната продукција е нарушена, се јавува анемија.
Крвна слика
ПРИЧИНИ
Постојат повеќе причини за појава на анемија предизвикана од дефицит на фолна киселина. Може да станува збор за:
Нутритивни причини. Најчесто, недостигот на фолна киселина се должи на неадекватна диета (особено повозрасни лица, новороденчиња) или исхрана сиромашна со фолати во комбинација со алкохолизам.
Малапсорпција. Одредени здравствени состојби како Кронова болест, целијакија, тропска спруе може да доведат до фолатен дефицит.
Зголемена потреба за внес на фолна киселина. Постојат здравствени состојби кои ја зголемуваат потребата на организмот за фолна киселина. Тие може да бидат физиолошки (при бременост, раст и развој при пубертет) или патолошки (хемолитичка анемија, тумор, хронична дијализа итн.)
Одредени лекови. Употреба на одредени медикаменти како methotrexate, trimethroprim, барбитурати и орални контрацептиви може да резултира со недостиг на фолна киселина.
СИМПТОМИ И ЗНАЦИ
Клиничката слика за анемија поради недостаток на фолна киселина може да ги вклучува следните симптоми и знаци:
Крвна слика
Слабост;
Малаксаност;
Бледило;
Отежнато дишење;
Палпитации (чувство на лупање на срцето со забрзан или ирегуларен ритам);
Вртоглавица;
Болен јазик со чувство на печење;
Намалена концентрација;
Намален апетит;
Намалена телесна тежина;
Раздразливост;
Дијареја.
Анемијата предизвикана од недостиг на фолна киселина има слична симптоматологија со анемијата предизвикана од дефицит на Б12. Но, дефицитот на фолна киселина поретко предизвикува невропатија (трпки по стапалата, несигурен од) за разлика од витамински Б12 дефицит.
Резервите на фолна киселина во организмот се мали во споредба со дневната потреба. Затоа, диетата сиромашна со фолна киселина за релативно кратко време може да доведе до мегалобластна анемија.
ДИЈАГНОЗА
За поставување дијагноза, потребно е да се направи детален физикален преглед и да се земе добра анамнеза. Дополнително треба да се направи диференцијална крвна слика и биохемиски анализи. Во зависност од тоа што довело до фолатниот дефицит, може да бидат потребни и дополнителни клинички испитувања.
Особено е важно да се направи проверка дали е присутен и дефицит на витамин Б12, бидејќи неретко присутен е двоен недостиг, т.е. и на фолна киселина и на Б12.
ТЕРАПИЈА И ПРЕВЕНЦИЈА
Недостигот на фолна киселина се лекува со орални препарати во дневни дози одредени од лекар. Колкаво ќе биде времетраењето на терапијата зависи од причината за фолатниот дефицит. Превентивно, се советува примање на фолна киселина кај бремени жени и прематурно родени.
Крвна слика
Во случај на слаб, но хроничен дефицит на фолна киселина, се советува соодветна исхрана која изобилува со oвој витамин: спанаќ, брокули, цитрусно овошје, мешунки итн.