Ангел Џамбаски со серија контроверзни тврдења за Македонија

Ангел Џамбаски во интервју за „Радио Слободна Европа“ на бугарски јазик, 2 април 2021. Фото: Снимка од екран од видеото на Радио Слободна Европа.
Сподели

 

Ангел Џамбаски, европратеник од редовите на бугарската националистичка партија ВМРО-БНД, во интервју за бугарската редакција на Радио Слободна Европа денеска, пред почетокот на предизборниот молк во Бугарија, порача серија контроверзни тврдења во врска со Северна Македонија.

Џамбаски говореше дека во земјава живеат стотици илјади Бугари, кои наводно биле потиснувани па Бугарија морала да ги заштити нивните права, односно правото на самоопределување.

Одговарајќи на прашање на новинарката на бугарската редакција на Радио Слободна Европа, Џамбаски порача дека Бугарија не губи со тоа што ја блокира Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, туку, напротив, тој смета дека добива.

„Ние не губиме, туку добиваме, оти го штитиме правото на македонски државјани да се самоопределуваат како Бугари. Тие се притискани и потиснувани. Ние треба да договориме минимален стандард за почитување на нивните права во Македонија. Такви луѓе има стотици илјади. Јас познавам голем дел од нив. Во моментот Република Северна Македонија драстично го нарушува нивното право на самоопределување“, рече Џамбаски.

Интервјуто се водеше преку „Скајп“ а зад Џамбаски се гледа врамена стилизирана карта на Сан Стефанска Бугарија, која ги опфаќа цела Северна Македонија, делови од јужна Србија и Косово и мал дел од Албанија.

Џамбаски ги продолжи контроверзните и со ништо непоткрепени тврдења говорејќи дека луѓе се повикувани во „У-ДБК“ (Агенција за национална безбедност – АНБ н.з.) поради објави на социјални мрежи. Тој, исто така, додаде дека наводни македонски Бугари биле повикувани на разговори во полиција заради објави на социјалните мрежи, а „70 во Струмица биле задржани оти возеле со бугарски регистерски таблички“.

На прашањето од новинарката што треба да се случи за Бугарија да не ја блокира Македонија, со што се отвара простор за вмешување на руски интереси, Џамбаски одговори дека наводно таа можност се затворила „кога ја примивме Македонија во НАТО“.

Следното контроверзно тврдење на пратеникот на ВМРО-БНД, се однесуваше на владата на Северна Македонија, за која тој тврди дека плаќа лобисти што ќе внесуваат амандмани во ЕП и на љубљанскиот институт ИФИМЕС, кој, како што рече, длабоко ја навредил бугарската нација, а тоа било говор на омраза и сеење омраза.

„Тие плаќаат пари на лобисти да пишуваат дека Бугарија е циганска држава и да го објавуваат тоа во ЕП и да пишуваат дека бугарската нација е смеса од Татари, Монголи и Цигани. За тоа платила скопската влада, тоа израз на што е според вас?! Тоа е исклучително непријателски чин, чин на највисок степен на говор на омраза и сеење омраза. Владата во Скопје плаќа, докажано, со договори, пари на луѓе што пишуваат и објавуваат такви нешта, т.н. ИфИМЕС во Словенија“, одговори Џамбаски на новинарско прашање.

Всушност, тврдењето за „Монголи“ е стара дезинформација која сега Џамбаски ја користи во друг контекст. Имено, Вистиномер уште во декември минатата година го разобличи неговото тврдење на Фејсбук за наводен учебник од кој учат македонските ученици, а кој тврдел дека постојат само три раси: Македоноиди, Монголоиди и Негриди.

Македонското министерство за образование негираше дека постои учебник со таква содржина, а тимот на Вистиномер откри дека книгата која бугарскиот европратеник Џамбаски ја квалификува како учебник, всушност, претставува приватна публикација, односно книга на авторите Ристо Поповски и Ангелина Маркус, насловена како „Филип втори Македонецот”, испечатена во 2008 година во 1000 примероци.

Парламентарните избори во Бугарија ќе се одржат во недела, на 4 април.