Министерката за финансии Нина Ангеловска вели дека во однос на нејзината функција и нејзиниот депозит во Еуростандард банка, во јавноста се пласирани многу неточни информации и дека единствено што е точно е дека имала депозит во банката и дека го повлекла.
Вели дека тоа биле пари наменети за бизнис-инвестиции, а откако поради функцијата, бизнисот го ставила во втор план, решила тие пари да ги повлече за да си купи стан бидејќи до тогаш живеела под кирија.
Исто како и Ангеловска, со мејл до медиумите вчера се обрати и Николче Петкоски, за да ги демантира обвинувањата од Трифун Костовски, најголемиот акционер на Еуростандард банка, на прес-конференцијата во петокот.
Ангеловска вели дека сумата на нејзиниот депозит што бил повлечен последниот пат е многу пониска од сумата за која се шпекулира во јавноста.
„…Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во Евростандард банка. Целосно е неточна информацијата дека јас овие мои средства сум ги префрлила во други банки или повлекла. Вистината е дека пред стапување на функцијата – Министер за финансии – овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, порачува министерката за финансии.
Таа негира и друга шпекулација – дека не го пријавила купениот стан во Антикорупциска комисија. Ангеловска вели дека тој бил уредно пријавен, што било потврдено и од Комисијата.
Министерката за финансии објаснува и дека Министерството за финансии нема нема надлежности над основањето и работењето на банките, и ниту дава, ниту одзема дозвола за работење на банка.
Николче Петкоски, поранешен претседател на Управниот одбор на Еуростандард банка АД Скопје реагираше на обвинувањата од Трифун Костовски најголемиот акционер на Еуростандард банка, на прес-конференцијата во петокот.
Тој вели дека одамна бил без влијание во банката, а и дека речиси половина година не е вработен во неа, па обвинувањата се без основа. Исто така, порачува тој, и Трифун и Коста Костовски, а и други органи во банката, имале надзор над неговата работа кога бил претседател на Управниот одбор, така што ако имало неправилности, тие требало да бидат соопштени претходно.
„Јас од 01.10.2019 година немам никаков контакт со банката во поглед на нејзините операции. Иако до 29.11.2019 година бев и формално Претседател на Управниот одбор на банката, мене ми беше оневозможено да имам било каков увид во работењето на банката, како што напоменав, почнувајќи од 01.10.2019 година. Уште повеќе, од 14.03.2020 година не сум ни вработен во банката. Во банката сум од декември 2009 година, а од февруари 2010 година до моето заминување десет години ја извршував функцијата на Претседател на Управен одбор на банката. Управниот одбор на банката се состои од два члена и се грижи за оперативното работење на банката. Над Управниот одбор е Надзорниот одбор кој ги именува и разрешува членовите на Управниот одбор и кој има контролна улога. Управниот одбор секој месец поднесуваше извештај до Надзорниот одбор за работењето на банката. Кредитите се одобруваат од страна на Кредитен одбор, а одредени кредити, над одреден процент од капиталот на банката, се предмет на одобрување од страна на Надзорниот одбор. Претседател на кредитниот одбор беше Коста Костовски, со позиција Асистент на Управниот одбор. Претседател на Надзорен одбор беше Трифун Костовски. Оваа ситуација ја затекнав во банката со моето доаѓање и беше непроменета се до моето заминување“, напиша Петкоски.