Повеќе од една година жителите на населбата Отовица – Велес се принудени да живеат во страв, поради три кучиња од расата американски стафорд бултериер. До денес се регистрирани десетици напади врз домашни миленици и жители, од кои неколку лица се здобиле со тешки телесни повреди, а дел од нападнатите животни починале, информираат од Анима Мунди.

Сите напади се поврзани со ист сопственик – син на вработено лице во Министерството за внатрешни работи. Иако случаите редовно се пријавувани и документирани, Министерството за внатрешни работи не презема соодветни мерки, додека Агенцијата за храна и ветеринарство реагира половично, дозволувајќи сопственикот да продолжи да ги чува кучињата.
Последниот напад се случи на 22 јуни 2025 година, кога трите кучиња влегле во приватен двор и ја растргнале мачката Арон до смрт, а кучето Бела се наоѓа во критична состојба со сериозни повреди. Истиот сопственик пред една година го усмртил и претходниот миленик на истата фамилија.
Дополнително, жртвите кои го пријавиле случајот, биле обвинети за наводни закани по живот од страна на сопствениците на кучињата, што претставува сериозен обид за заплашување и пренасочување на вината.
Се прашуваме:
Зошто Министерството за внатрешни работи не реагира и покрај бројните пријави? Дали молчат поради „татини синови“?
Зошто Агенцијата за храна и ветеринарство покрај многубројните наведени случаеви до нив не постапила согласно закон туку овозможила да се вратат кучињата назад кај сопственикот кој било повеќе од очигледно дека не е способен да се грижи одговорно за нив?
До кога ќе се премолчуваат случаи на очигледна негрижа и закана по јавната безбедност?
БАРАМЕ:
Агенцијата за храна и ветеринарство да постапи итно, да ги одземе кучињата и да изрече забрана за чување миленик од страна на неодговорниот сопственик.
Министерството за внатрешни работи да покрене постапка за загрозување на безбедноста, да се обезбеди еднаква примена на законот, независно од службената положба или врски на сторителите.
Жителите на Отовица заслужуваат безбедност, правда и институции кои работат во интерес на граѓаните – не по нарачка, апелираат од Анима Мунди.
