„Анонимен османлиски речник од XIX век“ од Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев

Сподели

 

Излезе од печат изданието „АНОНИМЕН ОСМАНЛИСКИ РЕЧНИК ОД XIX ВЕК“ од Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев, во издание на ДИВАН од Скопје, а со финансиска подршка на Министерството за култура.
 
 
 
 
Книгата е резултат на обемна истражувачка работа на академик Ѓоргиев и е прва книга кај нас од овој тип, поточно претставува обработка на Речник на турски зборови и зборови на еден од словенските јазици пишуван целосно со арапско писмо. Речникот кој е предмет на обработка е издаден во Скопје, а примероци од нив се чуваат во Софија и во Загреб. Двата речника се идентични по големина (вкупно 32 листа), со околу 1.100 турски, арапски и персиски зборови преведени на словенски јазик. Со ова се потврдува и постоењето на алхамиадо литературата и на територијата на Македонија.
 
 
Според Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев, „Ова издание покажува дека писателите и поетите од нетурските балкански народи кои го прифатиле исламот, пишувале дела на свој мајчин јазик, користејќи арапски букви. Така, литературата која во светот била позната како литература Алхамиадо која за прв пат се појавила на Пиринејскиот Полуостров, била проширена и на Балканот.“ Тој потенцира дека: „Географската експанзија на османлиската држава овозможила политичка интеграција на различни држави, јазици, религии и цивилизации. Сепак, во нејзините граници продолжиле да живеат многу јазици и култури едни до други. Овој речник ги прикажува односите меѓу јазиците и културите во Османлиската Империја во кои исламската култура стапила во контакт со другите јазични традиции и го докажала богатството и интензитетот на јазичната реалност на империјата како целина.“
 
Уредникот и рецензентот на Речникот, проф. д-р Зеќир Рамчиловиќ вели дека:
 
„Издавањето на Речникот во Скопје покажува дека Скопје во почетокот на XIX век бил значаен центар за овој дел од Османлиската Империја. Исто така врз анализа на зборовите кои се пишувани на –јекавица и –ијекавица и со гласот „х“ најверојатно е дека се работи за босански јазик, а во речникот се запишани и неколку презимиња типични за бошњачкото население во Босна, што укажува и дека авторот е по потекло од Босна. Со ова и се потврдува културната и верската толеранција која се развила во Османлиската Империја и овозможувала да се развиваат различни идентитети, па дури и меѓу припадници на иста религија.
 
“Академик проф. д-р Драги Ѓоргиев е член на МАНУ и е редовен професор во Институт за Национална Историја и копретседател на Комисија за историски прашања. Фокусот на неговата дејност е историјата на Македонија во османлискиот период. Автор е на повеќе монографии, научни трудови и статии.