АНТИФАШИЗМОТ И НОВИОТ СВЕТСКИ РЕД – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Дали светот може да се смета за слободен и за демократски, ако во него непречено, па дури и озаконето царуваат најбруталните форми на економско ропство?

 

Александар Литовски

Дали е светот праведен, ако парите се поважни од честа, достоинството и животот на луѓето? Дали општествено-економскиот систем, кој во овие моменти се чини безалтернативен, е нормален и одржлив на долг рок, ако конфликтот и војната му се придружни и неопходни елементи за функционирање? Колку луѓе треба да загинат во војни, колку луѓе треба да умрат од глад, за да се задоволи алчноста на газдите на големите светски корпорации и монополи? Дали е може да е „вечен“ овој денешен глобален општествено-економски систем кој е нескриена апотеоза на аморалноста и алчноста, иако со фашизоидна тотална пропаганда се претставува како праведен, правичен, морален и демократски?

Биполарниот светски поредок кој егзистираше во дваесеттиот век повеќе не постои. Заменет е со навидум сложена дезорганизација на светот, која како основни карактеристики ги има неравномерноста и нееднаквоста, граѓанските војни и директниот НАТО интервенционизам. Сосема е јасно дека откако го снема “Вториот свет” (СССР и неговите сојузници) се распадна и престана да постои и она што се нарекуваше “Трет свет” (Социјалистичка Југославија и „Неврзаните“), остана само “центарот” – САД и Западна Европа и сиромашна, расцепкана и хаотична периферија составена од целиот останат свет. Реалниот судир меѓу класите, декларативно, е заменет со „борба на културите“, со „исламската закана“ и слични „страшила“ измислени за да се овозможи слободна и непречена милитаризација на светот.

Глобализацијата како нов светски ред го измисли, или поточно речено го создаде „тероризмот како светска закана“, а ги стигматизира како непријатели и ги сатанизира сите „непослушници“ кон желбите и интересите на Големит Фармер и неговите сателити. Новиот светски поредок, слично на Хитлеровиот кој се темелеше на ревизијата на Версајскиот систем, со неоколонијализмот, со нерамноправноста и неправичноста, и со форсираниот ревизионизам им дава нов полет на десничарскиот националшовинизам, расизам и религиозен фундаментлизам. Има мислења, дека новиот светски поредок е фактички „светски непоредок“. Имено, во ситуација кога мултинационалниот капитализам и големите западни земји дејствуваат глобално, а владите на малите држави и граѓаните воопшто дејствуваат локално, непрестано постои латентен судир на интереси кој се манифестира со економски кризи, санкции, политички притисоци, инструирани немири и протести, а некогаш дури и со војни. Неолиберализмот ја замаглува оваа суштинска антагонизирачка ситуација во периодот по „Ладната војна“.

Денеска можеби на многумина им е чудно некој да се застапува за економско-социјална правда и правичност, за суверенитет, интегритет и рамноправност во меѓународната политика, за хуманизам и социјализам, но тоа биле и ќе бидат прогресивни идеи и идеали. Можеби изгледа „неисплатливо“ и неперспективно денес да си антифашист, но така изгледало и во триесеттите години на минатиот век. Тогаш, Третиот Рајх бил во полн залет, а повеќето земји во Европа и светот биле или фашистички, или сојузници и симпатизери на фашизмот. На антифшистите се гледало како на губитници. Но, сепак, на 9 мај 1945 година, антифашистите станале победниците, иако, навидум, немале никакви перспективи само седум-осум години порано. Токму заради ваквата поука од историјата, која, нели, е „учителка на животот“, добро е да се потсетиме на една мисла на ненадминливиот во својата остроумност Албер Ками, која како да се однесува токму на денешните „немодерни“ и „неперспективни“ антифашисти, а која точно цитирана гласи: „Чувството дека си на права страна, задоволството дека имаш право, радоста што сам себе можеш да се почитуваш…, се моќни движечки сили кои ни помагаат да чекориме исправено, или да одиме напред. Ако луѓето ги лишите од тоа, ќе ги претворите во бесни кучиња.“ Затоа, дури и денес, во неофашистички свет и криминална цивилизација, добро и исправно е човек да се наоѓа на страната на антифашизмот, антиколонијализмот и антимилитаризмот, а историјата на антифашизмот да ја прифаќа како моќен резервоар на морална сила во борбата со корпоративниот неофашизам и во опстојувањето на сопствените идеолошки позиции. Едноставно, добро е човек да не дозволи „системот“ да го претвори во некакво злобно и безумно „бесно куче“.

denesmagazin.mk