Пред 75 години, во екот на Граѓанската војна во Грција околу 22.000 македонски деца на возраст од 2 до 14 години, изложени на политички прогон и воен терор беа принудени да ги напуштат своите родни огништа и да побараат спас во повеќе европски држави.
Тогаш, меѓународната демократска јавност со масовни протести и осуди ширум светот повика на запирање на воените операции и заштита на децата од сите видови воени насилства, егзодуси и геноцидни злосторства.
Потсетувајќи на тој болен период од македонската историја Здружението на децата бегалци од Егејска Македонија и Здружението на нивните потомци “Т`га за југ”, ја повикуваат меѓународната јавност да го крене својот глас против крвопролевањето и воениот масакр што се врши во окупираните палестински територии и да побара заштита на децата и цивилното население од деноноќните израелски бомбардирања во коишто секојдневно животите ги губат десетици недолжни деца, а стотици илјади се осудени на гладување, болести и тешки душевни трауми.
Податоците на Обединетите Нации, дека само за еден месец биле убиени преку 15.000 цивили од кои што окулу 5.000 биле деца и 3.000 жени, додека бројот на загинати војници на обете завојувани страни изнесува не повеќе од 2.500 лица, остава отворени дилеми за карактерот на таа војна, односно дали таа се води помеѓу силите на Израел и Хамас или пак е насочена против палестинскиот народ, неговите живеалишта, болници, училишта, бегалски кампови?!
Од тие причини повикуваме на секаков вид на воени насилства и мобилизирање на мирољубивото човештво во заштита на детските животи, нивно згрижување и враќање во нормалните текови на секојдневното живеење, исполнето со весели игри и детски радости!
Скопје, ноември 2023 Здружение на децата бегалци и нивните потомци “Т`га за југ”