Апел од МВР: Појава на фишинг напади – граѓаните да не наседнуваат на измами

Сподели

 

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи, периодов констатираше зачестена појава на така наречени фишинг напади врз граѓаните, со цел неовластено прибавување на лични податоци од нив.

Фишинг нападот е обид за измама на корисниците преку испраќање на лажна порака која изгледа како вистинска. Фишинг нападите имаат за цел да го измамат примачот на пораката и да го наведат да ги открие своите лични податоци, да посети лажна веб страна или да отвори додаток (прилог) прикачен на пораката кој е заразен со вирус. Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик.

Оттаму, Министерството за внатрешни работи со цел заштита на граѓаните, на нивните лични податоци и можните злоупотреби и последиците што можат да произлезат, апелира до граѓаните за посебна внимателност при добивање на ваквите пораки, да не наседнуваат на измами од ваков тип и нивните лични податоци да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет, со цел спречување на нивна понатамошна злоупотреба.