Апелациониот суд на јавна седница закажана за денеска треба да расправа за тоа дали бомбите се доказ во постапката во случајот „Тендери“, во кој првообвинета е ексминистерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, заедно со Лидија Лазарова Цветковска и Јулијана Угриновска.
На крајот на септември, советот кој го оценува обвинителниот акт, чиј претседател е судијата Ивица Стефановски, го прифатија предлогот на адвокатите на Елизабета Канческа-Милевска, бомбите кои не беа јавно објавени да не бидат доказ во постапката. Апелација претходно одби да го преиначи решението на Основниот суд Скопје 1 и не им определи пртвор на Канческа и Лазарова Цветковска.
За предметите „Насилство во Центар“ во кој првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски и „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, Апелација се изјасни дека бомбите може да бидат доказ во постапката, спротивно на решенијата на кривичниот суд.
За уште 4 случаи на СЈО бомбите се отфрлени како доказ, а тоа се предметите: „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.