Арсовска: Универзална сала ќе има, но кога објектот ќе биде безбеден

Сподели

 

Градоначалничката Арсовска истакна дека Градот Скопје во овој момент функционира дијаметрално спротивно од она кое што било пракса во изминатите години.

Таа за Канал 5 телевизија зборуваше за моменталните активности на Град Скопје, како и активностите на Јавните претпријатија во Скопје.

„Факт е дека кога го презедовме Град Скопје како ново градско раководство, се соочивме со големи проблеми, најголемиот дел од нив финансиски, поради тоа што градот е презадолжен. Но, не сме тука да се жалиме, наша работа е да бидеме сервис на граѓаните и да придонесеме за развој и модернизација на Скопје.

“Универзална сала ќе има и скопјани ќе можат во иднина да се гордеат со објектот кој е синоним за Скопје и за скопјани. Но исто така, граѓаните треба да се добро запознаени со целиот процес на реконструкција во изминатиот период, кој за жал не се одвивал според законите и прописите за изградба на еден таков објект, за што сведочат и забелешките од бројни архитекти кои што се запознаени со проектот”, истакна градоначалничката Арсовска. 

Арсовска додаде дека во овој момент е активиран цел државен апаратус за задскривање на грешките кои што поранешното градско раководство ги направило при проектирањето и отпочнувањето на реконструкцијата на Универзална сала.

„Реконструкцијата на Универзалната сала не е стопирана, туку се одвива со мал интензитет и се работи само онаму каде што проектот гарантира безбедност за работа. Не можеме да дозволиме да се работи на објект кој најпрво не гарантира безбедност ниту за работниците, ниту за граѓаните кои во иднина ќе ја посетуваат Универзална сала. Не е во ред целата централна власт да се вклучена во криењето на деталите од проектот за реконструкцијата, па дури и да напаѓа за нешто што го згрешиле оние кои што го отпочнале проектот”, вели Арсовска.

Градоначалничката Арсовска потенцираше дека Градот Скопје нема да ја допре изградбата на Универзална сала, туку ќе настојува истата да се реконструира согласно сите правила кои што ќе гарантираат безбедност, а потоа и финализација на проектот онака како што граѓаните заслужуваат.