Арсовска: Свесна сум дека се соочувам со една машинерија од луѓе, ама не им се плашам

Сподели

 

“Ниту една функција не е дадена од сега и засекогаш и доколку постојат некои работи коишто не задоволуваат при реализација на проектите, мора да постои соодветна одговорност. Пред она што е јавен интерес не верувам дека треба да се застане во одбрана на која било јавна функција”, изјави денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

– Што се однесува до нас ние ќе сториме се што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на Градот. Дали ќе биде подобро, дали ќе трпи или ќе биде полошо, времето пред нас ќе каже. Мора да работиме во заштита на интерсот на граѓаните и, пред се, во заштита на средствата кои тие ги даваат за да се реализираат нивните проекти, рече Арсовска на новинарско прашање како ќе се одрази на функционирањето на градот промената на директорите на јавните претпријатија што уследија по нејзиното тврдење за несовесно работење за тендерот за пречистителната станица во Скопје и оставката на директорот на „Водовод и канализација“ и меѓусебните обвинувања со ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека смета оти станува збор за работи кои не треба да се премолчат и како што рече, одговорност ќе си понесе секој, а со резултатите коишто ќе бидат испорачани ќе се види дека всушност ништо не сме изгубиле.

Во врска со поставените билборди со ликот на лидерто на ВМРО-ДМПНЕ, Христијан Мицкоски, Арсовска изјави:

“Немам ниту таква моќ, ниту толку средства, ниту правам такви нарачки, ниту пак имам зошто. Вие самите знаете кои се луѓето кои што имаат моќ да прават такви работи во градот и државата, а во ниту еден случај тоа не сум јас“.

“Во изминатите месеци се случија многу работи и свесна сум дека се соочувам со една машинерија од луѓе, на кои моите постапки не им се допаѓаат, ама не им се плашам”, посочи Арсовска.