„Владата има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешки евроинтеграциски цели на земјава. Се работи заедно со нашите меѓународни сојузници. Посебно сме благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателство со ЕУ. Токму во вакви моменти, на предизвик, треба да се покажат европски вредности. Дијалог, наместо конфликт. Смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолации“, посочи портпаролот Арсовски.
Воедно портпаролот Арсовски истакна дека не се размислува за некаков Анекс и дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка дава добра рамка за надминување на овие прашања, при што нагласи дека македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик не може да биде предмет на преговори.
„Владата не може и никогаш нема да се откаже од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ООН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор како уставна основа на ЕУ и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија“, подвлече портпаролот Арсовски.
Тој информираше дека лидерска средба не е предвидена и Владата смета дека за тоа нема потреба, бидејќи македонските позиции се јасни и познати во јавноста.
„Овде само би упатиле повик до сите чинители да се однесуваат конструктивно за стратешките прашања и на таков начин да учествуваат во дебатата. Сметаме дека треба да се има одговорност, да не се прави штета со долевање масло. Не треба да се дејствува деструктивно и на начин што би поттикнал говор на омраза“, истакна Арсовски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој посочи дека оставка на Владата би значело неодговорност кон мнозинството граѓани кои дадоа поддршка на изборите токму за да ги водат одговорни политичари и убедени дека ќе се реализира европската агенда.
„Владата останува посветена на реформите кои се дел од патот кон членство во Европската Унија. Земјава стана членка на НАТО. Во март Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија. Сите земји членки на ЕУ се согласија на тоа, вклучително и Бугарија. Истовремено, во март Република Северна Македонија имаше исклучително позитивен извештај од Европската комисија за реформскиот напредок, каде е подобра од другите земји кандидати, па дури и понапред од некои земји кои веќе преговараат“, наведе портпаролот Арсовски.