Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) во дописот до програмскиот совет на „Македонската радиотелевизија“ изрази прекор до МРТ за ненавремено информирање за случувањата во Собранието на 27 април. Агенцијата побара овој орган, кој има законска обврска да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини што ги емитува јавниот сервис, да го преразгледа известувањето на МРТ.
„-Ваквиот повик се должи, пред сè, на тоа што јавниот сервис не обезбеди навремено информирање за настаните во Собранието, делови од репортерските јавувања не беа во согласност со улогата и со функциите на јавен радиодифузен сервис и не беа организирани актуелно-информативните програми во кои ќе се дебатира за овие општествено-политички случувања кои се од исклучителен јавен интерес“, наведува АВМУ.
Агенцијата во соопштението посочува дека известувањето мора да се разгледува во поглед на членовите 110 и 111 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Ова особено се однесува на обврските: да обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање за сите важни политички и други настани и случувања во Република Македонија; да ја промовира и да ја унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес, како и да обезбеди непристрасни, сеопфатни и важни информации и нив да ги презентира јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење“, се вели во дописот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.