Премиерот на Австралија Малком Трнбул го објави денеска делумното реструктуирање на неговиот кабинет, при што првпат Абориџин е назначен за федерален министер.
Кен Вајат е назначен за министер за грижа за возрасни луѓе и за здравје на домородното население.
Министерот за индустрија, иновации и наука Грег Хант ја презема раководната позиција во Министерството за здравство и спорт, а неговите досегашни задолженија ги презема владиниот секретар Артур Синодинос.
Промените во Владата се предизвикани од неодамнешниот скандал со веќе поранешниот министер за здравство и спорт, Сузан Леј.
На почетокот на јануари таа беше обвинета за злоупотреба на службената должност. Утврдено беше дека во периодот 2015-2016 година таа патувала на државен трошок за лични потреби, во потрага по недвижен имот со цел да инвестира. По откривањето на скандалот Леј поднесе оставка.
Новите министри ќе положат заклетва во Канбера на почетокот на следната недела.