Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во соработка со Амбасадата на САД во Скопје, утре со почеток во 14.30 часот во ГЕМ клубот во Скопје, организира јавна дискусија со врвни американски новинари на тема „Можат ли социјалните медиуми да влијаат врз изборите во САД?“.
Настанот ќе почне со кратка презентација на наградуваните новинари од САД, Барбара и Џон Кокран, по што ќе следи дискусија со учесниците, активни корисници на социјалните мрежи од Македонија.
Барбара Кокран е професор на Факултетот за новинарство во Мисури. Таа целата своја кариера ја има поминато во Вашингтон, а била и претседател на RTDNA (Radio Television Digital News Association). Била и извршен уредник на „Вашингтон стар“, како и потпретседател на Националното јавно радио (National Public Radio – NPR).
Џон Кокран е пензиониран телевизиски новинар, кој ги познава сите претседатели на САД од Двајт Ајзенхауер наваму. Почнал да работи во ABC News во 1994 година како главен репортер од Капитол Хил. Пред да работи во ABC работел за NBC, покривајќи ја работата на администрациите на Реган, Џорџ Буш постариот, Никсон, Форд и Картер.