БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец октомври 2023

Сподели

 

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

 

МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2023 година

 Измените на Кривичниот Законик од 6-ти септември обезбедуваат застарување на голем број предмети на функционери и службени лица обвинети за коруптивни дејствија

Таргет-Тврдина се урна, Мијалков „неповреден“ – По пет години и девет месеци правосудно натегање, од кои 9 месеци чување на предметот во фиока во скопска Апелација, последните клинци за запечатување на предметот „Таргет-Тврдина“ дојдоа директно од политиката.

На Антонио Милошоски му застаре делото злоупотреба на службената положба, ќе му се суди само за измама – На пратеникот Антонио Милошоски и уште 9 обвинети во предметот “Moќник” им застаре гонењето за делото злоупотреба на службената положба, но тој ќе остане во судница затоа што одговара и за делото измама.

Кривичниот законик ги спаси Димовски и Талевска во случајот „Продуцент“ – Судот донесе решение со кое ја запре постапката за кривично гонење за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска.

Измените на Кривичниот законик го урнаа „Топлик“: Предметот застарува за сите обвинети – Три дена пред да се заокружат точно седум години откако беше отворена истрагата за предметот „Топлик“, Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата, со што дозволи предметот за „Сончев Град“ да добие апсолутна застареност.

По 16 години судења застаре преметот „Змиско око“, обвинетите ќе бараат обештетување по сите основи – Застаре преметот „Змиско око“ од 2007 година, во кој 46 вработени во „Македонија пат“ беа обвинети за злуопотреба на положбата и за злосторничко здружување, односно дека на патарините не им издавале фискални сметки на возачите, а парите ги ставале во џеб, па си ги делеле, при што заработиле неколку милиони евра.

Измените во Кривичниот законик му донесоа олеснителни околности и на Мухамед Зеќири – На судењето одржано на 24.10.2023 година обвинителството направи промени во предметот според донесените измени, па наместо претходно законски утврдената казна од најмалку пет години затвор, сега Зекири може да биде осуден на затвор од една до пет години.

Застарува и делото „злоупотреба“ за Јанакиески во предметот „Талир – „Застарување ќе има и во предметот „Талир“ кој е поврзан со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителката Ленче Ристовска денеска предложи, а судијата ќе донесе одлука на наредното рочиште за застарување на делото „злоупотреба на службената положба“ за екс министерот Миле Јанакиески.

Ристовска: Повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, што е директна последица на измените на КЗ

Како и во другите два претходни случаи на прислушување и во овој, за жал нема да имаме кривично правна разрешница и повторно нема да има одговорност за незаконското прислушување во државата, вели јавната обвинителка Ленче Ристовска, за случајот „Таргет-Тврдина“.

Џолев: Да престане да се вперува прстот во судството, измените на КЗ беа упад во Судскиот систем

Според Иван Џолев – Претседател на Основниот Кривичен суд во Скопје, токму измените на Кривичниот законик се главен проблем за застарувањето на предметите, а она што најмногу фалело според него, е да се изанализира тајмингот кога тие измени требало да се случат, односно дали требаше да се случат во период кога ќе застарат голем дел од предметите кои беа во финална фаза.

Нема одговорност за функционери кои не ги доставуваат потребните информации до Државната комисија за спречување на корупцијата

Антикорупциска ја запре постапката за дивоградбите во Чаир, градоначалникот Ганиу со години не им ги дава информациите

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу со години не постапува по иницијативите на Државната комсија за спречување на корупцијата која постапувајќи по пријава која се однесува на дивоградби подигнати од несовесни граѓани во 2011, 2016 и 2018 година за кои не се постапува соодветно од ниту една институција.

Антикорупциска ќе поднесе кривична и бара разрешување на директорот на Инспекторатот за градежништво

Државната комисија за спречување корупција на седница донесе одлука да поднесе иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство и иницијатива до Владата за разрешување на директорот на Државниот инспекторат за градежништво Фатмир Арифи, бидејќи констатираа дека тој пред Комисијата не го оправдал начинот на кој се стекнал со имот во изминатиот период.

ГРЕКО не е задоволен од усогласеноста со Препораките

ГРЕКО: Македонија не е доволно усогласена со препораките за борба против корупцијата – Групата на држави против корупција заклучи дека Македонија е „во недоволна усогласеност“ со препораките содржани во Извештајот од петтиот круг на евалуација во борбата против корупцијата.

Медиуми од држави членки на ЕУ реагираат по злоупотребата на знамето на ЕУ за измените на Кривичниот Законик

ФАЦ за Македонија: Корупција од името на ЕУ – По скандалот на Клиниката за Онкологија и измените на Кривичниот закон, германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг констатира дека владината корупција се прикрива зад знамето на ЕУ.

Амбасадорот на Кралството Холандија уште еднаш укажа на проблемот со корупцијата

Што правите вие освен што трупате изговори?! Зошто не ги исполнивте реформите пред 15 години?! – холандскиот амбасадор за ЕУ членството на Македонија – Изговори наместо реформи, корупција, непотизам. Европската унија чека на Македонија, а не обратно. Ова е пораката која ја испрати холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.

Во Република Северна Македонија постои ниско ниво на владеење на правото

Македонија на 67-то место на најновата листа на Индексот за владеење на правото – Северна Македонија е рангирана на 67 место меѓу 142 држави на најновата глобална листа според Индексот за владеење на правото на Светскиот проект за правда. Во однос на минатата година, иако има иста оценка, земјава е рангирана четири места подолу и сега е на ниво со Монголија, Казахстан, Индонезија и Молдавија.

Судството не почитува правила за етика и останува рак рана на нашето општество

Како се применуваат правилата за интегритет во судството!

Судијката за која реагираше министерот за правда избрана за претседател на кумановскиот суд – Судскиот совет ја избра судијката Снежана Манев за претседателка на Основниот суд Куманово, функција која ја извршуваше и досега, но како вршител на должност. И покрај извештаите изготвени од направените контроли, наодите и усвојувањето на извештаите, Судскиот совет не ја санкционираше в.д. претседателката на овој суд која, според јавниот извештај, направила злоупотреба на АКМИС системот, поставувала судии по желба, ги нарушувала човечките односи во судот и ги навредувала и понижувала вработените Албанци.

Инаку, судијката Манев летово беше во фокусот на јавна преписка меѓу Судскиот совет и министерот за правда Кренар Лога, која тој ја иницира реагирајќи на тоа што на судијката ѝ била дадена можност по вторпат да полага психолошки тест.

Министерството за правда изненадено прашува од кои причини по јавно усвоен извештај од ваша страна на 13.03.2023 година, место да преземате соодветни мерки, Вие, после толку месеци правите дополнителен извештај (23.06.2023) каде самите се демантирате со првиот извештај воведувајќи нова пракса, за во иднина, носители на функции (претседател на суд) да постапуваат несоодветно и спротивно на законот и етичкиот кодекс и да имаат можност да „поправат“, стои во реакцијата од Министерството за правда во однос на Судскиот совет за кандидатката за претседател на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, тврдејќи дека судија што не положил психолошки тест за личност и тест за интегритет, не може веднаш повторно да полага“.

Според Министерството за правда, со ова се остава простор за секаков вид на влијание.

БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2023 година

Откриено злосторничко здружување за даночно затајување

Приведени 20 осомничени за затајување данок и перење пари во злосторничко здружување од 26 сопственици и управители на 28 фирми, шестмина се во бегство – Јавен обвинител од ОJO за гонење на организиран криминал и корупција, донел наредба за истрага против 26 сопственици и управители на 28 фирми, за кои постои основано сомневање дека сториле кривични дела Злосторничко здружување, Даночно затајување и Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.

Зголемен број на пријави за поткуп

Кривична пријава за полицаец од Арачиново поради злоупотреба на службена положба и овластување – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди достави кривична пријава против А.А., вработен ПО Арачиново при СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 ст.1  од  КЗ на РСМ.

До надлежните служби при МВР доставувал лажни списи со евидентирани работни часови за исплата на плата без да приложи извештаи за привремена спреченост за работа за работникот И.Џ., кој не доаѓал на работа, со што му овозможил противправно да се стекне со горенаведениот паричен износ, а со истиот износ го оштетил буџетот на МВР. Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе биде покрената и постапка за утврдување на дисциплинска постапка и привремено отстранување на работникот од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

Кривична пријава против лице од Неготино за „злоупотреба на службената положба и овластување“ – Надворешната канцеларија за криминалистички работи од ОВР Неготино поднесе кривична пријава против М.Д. (41) од Неготино, поради постоење основи на сомневање дека извршил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” предвидено во член 353 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, во периодот од 14.09.2023 до 21.09.2023, во својство на овластено лице вработено во Општина Неготино, ја злоупотребил службената положба со пречекорување на своето службено овластување, при што на барателите за користење на јавен простор за манифестацијата „Неготински панаѓур 2023“, им наплаќал пари во кеш и на тој начин за себе противправно присвоил парични средства во износ од 98.100 денари, нанесувајќи штета на Буџетот на Општина Неготино.

Поднесена кривична пријава против жител на Сарај за „давање поткуп – Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.С.(50) од с.Ласкарци, општина Сарај, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп” по член 358 од Кривичниот законик. Откако полициски службеници констатирале сообраќаен прекршок и го известиле дека ќе му биде изготвен прекршочен платен налог, пријавениот извадил и на совозачкото седиште од службеното возило фрлил 1.000 денари за да не го изготват налогот, велат од МВР.

Приведен вработен во Шумска полиција во Демир Хисар поради примање поткуп – Полициски службеници од ОВР Демир Хисар на патот меѓу с.Света и с.Единаковци, на подрачје на Демир Хисар, го лишиле од слобода Д.Т.(58) од Демир Хисар, вработен во Шумска полиција во Демир Хисар, поради сомнение за сторено кривично дело по чл.357 од КЗ „примање поткуп”. Д.Т. од лице од Демир Хисар побарал пари, а за возврат да не постапи, односно да не санкционира незаконско работење.