БЕГ од утре ќе го исклучи парното за 54.000 домаќинства

Сподели

 

Најголемиот снабдувач со парно греење во Скопје – БЕГ вчеравечер најави дека од утре, сабота, 15 јануари, ќе го исклучат парното за 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град.

Како што наведуваат тие имаат пари за набавка на природен гас, што го користат трите топлани: ТЕ-ТО Исток кај Керамидница, ТЕ-ТО Запад во Тафталиџе и „11 Октомври“ во Кисела вода, само за до крајот на денешниот ден.

Од БЕГ бараат помош од Владата, поточно 9 милиони евра за набавка на природен гас само за месец јануари.

„Како општествено одговорна компанија информираме дека немаме повеќе ресурси за обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифата за производство на топлинска енергија, со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина“, се наведува во соопштението на БЕГ.

БЕГ тврдат дека постоеле „објективни пречки за обезбедување финансиски средства од државата“. Тие предлагаат додека трае енергетската криза и додека немаат пари за набавка на гас, управувањето на компанијата да го преземе Владата, па откако ќе помине грејната сезона, повторно на фирмата да ѝ се врати на употреба.

Веднаш по ваквото соопштение на БЕГ, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски изјави дека БЕГ ќе остане без лиценца за работа во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје.

Тој ја отфрли можноста дека на БЕГ ќе може некој друг да им го решава проблемот, за потоа во мај да се вратат „како принцеви на бели коњи“. Според Бислимовски, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбиле сите опции што ги понудиле РЕК и Владата.

Покрај БЕГ, незадоволство од владините предлози има и од АД ТЕ-ТО по вчерашната одлука на владата да мора да работат секојдневно од 5 часот наутро до 1 часот по полноќ, при што дополнителните количества на произведена струја ќе ги откупува АД ЕСМ по цена до 170 евра за мегават час. Истовремено, топлинската енергија што ќе ја произведат ќе треба да ја испорачаат на БЕГ.

Од ТЕ-ТО велат дека бараат цената да биде речиси двојно повисока, или 270 евра по мегават час без ДДВ.

„Согласно постоечкиот договор за набавка на природен гас кој ТЕ-ТО АД Скопје го има со важност до 31.01.2022 година, производната цена на електричната енергија од неговата постројка, со вклучен трошок за произведена, но ненаплатена топлинска енергија изнесува 270 EUR/MWh без вклучен ДДВ. Во случај на наплата на топлинската енегија, производната цена на електричната енергија од ТЕ-ТО АД Скопје изнесува 251 EUR/MWh без вклучен ДДВ“, се наведува во соопштението на ТЕ-ТО.