Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција, како одговор на новинарско прашање дека голем број на граѓани се жалат на многу повисоки сметки за електрична енергија во јануари, рече дека домаќинствата и малите потрошувачи имаат право на жалба кај Регулаторната комисија за енергетика.
Јас не верувам дека има зголемување на цените повеќе од тоа што се утврдени со РКЕ, но граѓаните секогаш имаат право на жалба во регулаторната комисија и ги повикувам, ако мислат дека има некоја грешка или злоупотреба, да пријават и тоа ќе се среди веднаш – рече министерот.
Бектеши додаде дека законски до 1 јули не може да се промени цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи и дека не очекува нејзино зголемување ниту по овој датум, согласно информациите кои што ги има за трошоците за клучните енергетски компании.