Министерот за економија Крешник Бектеши денеска пред медиумите информираше за сите управни и судски постапки (одлуки, заклучоци и информации) поврзани со експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на локалитет с. Иловица, општина Босилово, почнувајќи од првата одлука до денеска.
Како што информираше министерот Бектеши, на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје доделени му се две соседни концесии за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот “Иловица” во општина Босилово и општина Ново Село.
За истите претходела постапка за доделување на концесии за детални геолошки истражувања на минералната суровина и тоа по следниов редослед.
Прва концесија за локалитет “с. Иловица” општина Босилово
Постапката е отпочната со достава на Барање за концесија за детални геолошки истражувања од страна на Felps Dodge Exploration Corporation при што во постапката се барани и добиени позитивни мислења од органите на државната управа од областа на животната средина и просторното планирање и водостопанство согласно тогаш важечкиот Законот за минерални суровини.
Донесена е Одлука за давање концесија за вршење на детални геолошки истражувања на металични минерални суровини на ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР Скопје, за што е склучен Договор за концесија за детални геолошки истражувања со ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ за период од 3 години, и потоа врз основа на член 15 став 3 од Законот за минерални е склучен Анекс на договорот за концесија со кој се врши продолжување на периодот на важење на концесијата за период од две години до 26.05.2011 година.
Постапката за експлоатација е отпочната со достава на Барање за добивање на концесија за експлоатација од страна на ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје како имател на резултатите од деталните геолошки истражувања , при што во постапката се барани и добиени позитивни мислења од органите на државната управа од областа на животната средина и просторното планирање, културата, шумарство, водостопанство, транспорт и врски и земјоделие и општина Босилово, согласно тогаш важечкиот Законот за минерални суровини.
Донесена е Одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на Друштвото за производство, промет и усуги ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје на локалитетот “с. Иловица”, општина Босилово и склучен е Договор за концесија за експлоатација во 2012 година.
По донесувањето на сега важечкиот Закон за минерални суровини, склучен е нов Договор за концесија за експлоатација, со кој се врши усогласување со одредбите од новодонесениот Закон.
По барање на Концесионерот и по овластување од Владата, како концедент, склучен е и Анекс на договорот со кој се доуредуваат одредбите за пренос на концесијата за експлоатација. Периодот за кој е доделена оваа концесија е до 24.07.2042 година, а е со површина на простор од 1.680000 km2 . Концесионерот до Министерство за економија има доставено Барање за издавање на дозвола за експлоатација од 2016 година и дополнување на барањето од 2017 година.
Министерството за економија до Владата има доставено Информација за состојбата со исполнетоста на условите за добивање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“ општина Босилово и согласно Извадокот од 141 седница на Владата одржана на 25 јуни 2019 година, се задолжува Министерството за економија со решение да го одбие Барањето за издавање на дозволата за експлоатација и да достави предлог – одлука за едностран раскин на Договорот за концесија
Донесено е Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација од 08.07.2019 година.
За овој договор за концесија донесена е Одлука за едностран раскин од Владата на Република Северна Македонија од 16.12.2019 година, која одлука беше оптужената и сега поништена со Пресуда на Управниот суд.
Втора концесија за локалитет “с.Иловица” општина Босилово
Постапката е отпочната со достава на Иницијатива за започнување на постапка за доделување на концесија за детални геолошки истражувања од страна на ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје , при што во постапката се барани и добиени позитивни мислења од органите на државната управа од областа на животната средина и просторното планирање, културата, шумарство, водостопанство, транспорт и врски и земјоделие и општина Босилово, согласно тогаш важечкиот Законот за минерални суровини.
Постапка за детални геолошки истражувања е доделена со Јавен повик објавен во Службен весник.
По извршената евалуација на понудите донесена е Одлука за доделување на концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини – бакар и злато на ФЕЛПС ДОЏ ВАРДАР ДООЕЛ Скопје за што е склучен Договор за концесија за детални геолошки истражувања 2011 година.
Потоа согласно член 25 од Договорот за концесија и Решението за упис на промена на називот на концесионерот се склучува Анекс на договорот за концесија за детални геолошки истражувања.
Потоа е почната постапка за експлоатација со достава на Барање за концесија за експлоатација од страна на ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје како имател на резултатите од деталните геолошки истражувања , при што во постапката се барани и добиени позитивни мислења од органите на државната управа од областа на животната средина и просторното планирање, културата, шумарство, водостопанство, транспорт и врски и земјоделие и општина Босилово и општина Ново Село, согласно тогаш важечкиот Законот за минерални суровини.
Донесена е Одлука за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје на локалитетот “Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село и склучен е Договор за концесија за експлоатација Владата донела Одлука за изменување на Одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерална суровина-бакар и злато на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје на локалитетот „Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село и врз основа на оваа одлука склучен е Анекс на Договорот за концесија за експлоатација
Периодот за кој е доделена оваа концесија е до 13.01.2046 година, а е со површина на простор од 13.739528 km2. Концесионерот до Министерство за економија има доставено Барање за издавање на дозвола за експлоатација од 2019 година при што истото не е комплетно, за кој е известен.
Спојување на концесиите за експлоатација на локалитетот „Иловица“ општина Босилово
Согласно член 61 од Законот за минерални суровини во функција на рационално и економично истражување или експлоатација на минерални суровини, може да се врши спојување или припојување на две соседни концесии во случај кога концесиите се простираат на исто наоѓалиште за ист тип на минерална суровина и да се доделени на ист субјект.
Периодот на траење на концесијата, по спојувањето, ќе биде од пократкиот рок од двете концесии. Со оглед на ваквата фактичка состојба, Концесионерот на 29.01.2016 година до Министерството за економија поднесе Барање за спојување на горенаведените концесии за експлоатација. Согласно Законот, Министерството за економија изврши увид на лице место и со Записник утврди дека постапката за спојување на концесиите може да продолжи како и дека по спојувањето двете концесии ќе претставуваат една целина.
Во февруари 2017 година, Министерството за економија достави образложена Предлог-одлука за спојување со Информација за спојување на концесиите.
Оваа информација беше ставена на Дневниот ред на 64-та седница на Владата одржана на 17.04.2018 година и на Дневниот ред на 65-та Седница на Владата одржана на 24.04.2018 година, но по истата не е одлучувано.
Оваа информација повторно е ставена на Дневниот ред на 112-та седница на Владата одржана на 25.12.2018 година, и на Дневниот ред на 114-та Седница на Владата одржана на 08.01.2019 година, но по истата не е одлучувано.
По донесување на Пресудата од Управен суд концесионерот на 12.06.2023 година до Министерството за економија поднесе Поднесок по Барање за спојување на концесии за експлоатација.
Судски постапки за локалитетот „Иловица“ општина Босилово
Согласно донесеното Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација, против ова решение Концесионерот, во законски утврдениот рок, изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при Владата на Република Северна Македонија.
Постапувајќи по Жалбата против Решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола, второстепениот орган донесе Решени со кое се одбива Жалбата како неоснована.
Имајќи во предвид дека Решението за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација е конечно, Владата донесе Одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“, општина Босилово
Со Пресуда на Управен од 21.10.2020 година, се одбива како неоснована тужбата на Тужителот-Друштво за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, против Одлуката на Владата на Република Северна Македонија од 16.12.2019 година.
Незадоволен од оваа пресуда, Тужителот поднесе жалба пред Вишиот управен суд на која е доставен Одговор.
Од Вишиот управен суд е донесено Решение од 08.07.2021 година со кое Пресудата на Управниот Суд од 21.10.2020 година се укинува и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно судење.
Со Пресуда на Управниот суд од 30.03.2023 година, по тужбата на тужителот Друштво за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, се уважува тужбеното барање на Тужителот и оспорената Одлука на Владата на Република Северна Македонија за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина- руди на бакар и злато на локалитетот „с.Иловица“, општина Босилово бр.45-7466/1 од 16.12.2019 година се поништува и предметот се враќа на тужениот орган на повторно разгледување и одлучување.
Со Пресудата тужениот орган е задолжен да постапи и да го примени правнoтo сфаќање и дадените забелешки на Управниот суд.
Против Пресудата не е дозволена жалба, а согласно членот 69 став 4 од Законот за управните спорови.
Истовремено, од страна на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје доставен е Поднесок по Барањето за спојување на концесии од 12.06.2023 година, со кој се обновува Барањето за спојување на концесии, а кое е предмет и на дадените насоки и забелешки од страна на Управниот суд. Во образложението на Пресуда страна 9 пасус 3, Управниот суд смета дека спојувањето на концесиите претставува посебно правно прашање, односно посебна постапка за која надлежниот орган до кого е доставено Барањето-Министерството за економија, согласно правилата на управната постапка е должен да постапува и да донесе соодветен управен акт.
Постапувајќи по насоките од предметната пресуда, како и по обновеното Барање за спојување на концесиите, Министерството за економија изготви Предлог-одлука за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот “с. Иловица“, општина Босилово, со концесијата за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот “Иловица“, општина Босилово и општина Ново Село на Друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРЦЕС ДОО Скопје, и ја достави до Владата на Република Северна Македонија од 26.06.2023 година.
Со предлог – одлуката за спојување на концесиите за експлоатација фактичката состојба не се менува, туку ќе се изменат координатите на доделените концесии во насока истите да преставуваат една целина. Рокот на важност на споената концесија ќе биде пократкиот рок од двете концесии, односно до 24.07.2042 година.
Донесена е Одлука за спојување на концесиите од 27.06.2023 година (Службен весник на Република Северна Македонија бр.141/2023).
На последната владина седница е донесена Одлука за престанок на важење на Одлуката за спојување на концесијата за минерална суровина –руди на бакар и злато на локалитетот с. Иловица, општина Босилово со концесија за експлоатација на минерална суровина –бакар и злато на локалитетот Иловица општина Босилово и општина Ново Село на друштвото за производство, промет и услуги ЕУРОМАКС РЕСОУРСЕС ДОО СКОПЈЕ.
Со оваа одлука по нејзино објавување во Службен весник ќе престане да важи Одлуката за спојување на концесиите од 27.06.2023 година.
Во прилог ви доставуваме линк со целосната документација за сите управни и судски постапки (одлуки, заклучоци и информации) поврзани со експлоатација на минерална суровина-руди на бакар и злато на локалитет С.Иловица, општина Босилово, почнувајќи од првата одлука до денеска.