Белград: Опозициските демонстранти упаднаа во зградата на РТС

Сподели

Лидерот на опозицискиот Сојуз за Србија, Драган Ѓилас го предводи протестот „Еден од 5 милиони“ вечерва во Белград. Демонстрантите се во зградата на РТС и бараат вклучување во програмата.

Полициска екипа специјалци брзо реагирала за да го спречи хаосот.

Агенцијата Бета јавува дека во РТС има и полицајци со опрема за растерување демонстрации. Вратата на зградата на српската државна телевизија е искршена, јавува Б92.

Учесниците на протестот „Еден од 5 милиони“ ја опколија зградата на Радио-телевизија Србија во Белград вечерва околу 19.30 часот и ја почнаа блокадата.

Пред зградата на РТС е паркиран камион од кој почна емитувањето на „Дневникот на слободна Србија“ во текот на кој граѓаните се повикани на голем протест на 13 април во Белград и беше повторено барањето до градоначалникот Горан Весиќ да ги отстрани оградите поставени за изградба на жичница до вторник, 19 март до 18 часот, или во спротивно граѓаните самите тоа ќе го направат, бидејќи нема да дозволат сечење на дрвјата.

Демонстрантите потоа на упаднаа во зградата на РТС, министерот за полиција на Србија, Небојша Стефановиќ, порача дека државата ќе мора да одговори на вечерашните настани. Тој ги повика демонстрантите да ја напуштат зградата и најави дека кривично ќе одговараат сите што влегле во националниот сервис.

Полицијата ги изнесе демонстрантите од зградата на националниот сервис РТС во Белград, по што тие продолжија да протестираат пред влезот на телевизијата.

Дел од граѓаните кои учествуваа на антивладиниот протест низ улиците во Белград „1 од 5 милиони“, како и Драган Ѓилас лидер на опозициската партија Сојуз за Србија, влегоа во зградата на националниот сервис барајќи да бидат гости во Дневникот. Околу 21.30 часот полицијата влезе во зградата и еден по еден ги вадеше демонстрантите од 4 спрат на зградата. Додека ги вадеа демонстрантите извикуваа „Апсете го Вучиќ!“

Стефановиќ изјави дека до насилство не би дошло доколку лидерите на СС Бошко Обрадовиќ и Драган Ѓилас не упаднале насилно и дека ги туркале луѓето да станат насилни и да се тепаат со полицајците. Полицијата не наседна на провокацијата и тоа е добро истакна министерот.

– „Не знам што им е целта. Мислев дека тие луѓе имаат повеќе причини, имаат различни политички ставови, знам дека малиот број на поддршка ги фрустрира. Но, тоа не значи дека ако сте незадоволни од ниската поддршка дека нешто треба да уништувате. Влезете во програма, ако не може, ајде да го запалиме РТС. Тие го демолираа влезот во РТС, го демолираа приземјето, влегоа внатре. Тие им се закануваа на новинари, користеа насилство насекаде.” – изјави Стефановиќ.