Раководството на Движењето Беса нема да го поддржи кандидатот на ДУИ за претседател на Собранието, Талат Џафери и одлучи да предложи свој кандидат за собраниски спикер, објави телевизија „21“. Портпаролот на оваа партија, Орхан Муртезани не открива имиња, но според неофицијални информации на партијата станува збор за Африм Гаши или Фадил Зендели.
-Движењето Беса не донесе одлука за поддршка на Талат Џафери за собраниски спикер. Последната одлука на централното раководство на Движењето Беса е и ние да предложиме свој кандидат за претседател на Собранието. Додека нема поинаква одлука од раководството ние остануваме на ставот да имаме свој кандидат за таа функција – изјави Гаши.
Вчера на новинарско прашање дали СДСМ ќе предложи кандидат за претседател на Собранието или ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Јагода Шахпаска рече дека утре на продолжувањето на конститутивната седница на Собранието ќе биде соопштено она што претставува договор на 67 пратеници од новото парламентарно мнозинство околу кадровското решение за нов претседател на Собранието.
Пред два дена портпаролот на ДУИ, Бујар Османи изјави дека Талат Џафери ќе биде кандидат за претседател на Собранието за кој кажа дека има поддршка од парламентарното мнозинство.
Изборот на Собраниски спикер ќе биде в понеделник, по изборот на состав на новата Комисија за избор и именување. Според Уставот и деловникот на Собранието, претседателот на Собранието се изгласува со мнозинство, односно со 61 глас од пратениците.