Граѓаните кои не се вакцинирани против коронавирусот во Германија ќе мора зачестено да се тестираат, но државата повеќе нема да им го плаќа тоа. Тие нема да можат да влегуваат во јавни објекти без негативен тест, пренесува Дојче веле.
Канцеларката Ангела Меркел, по консултациите со премиерите на 16 германски покраини, вечерва ги повика граѓаните да се вакцинираат, уверувајќи ги дека има доволно дози за сите. Таа им порача дека на тој начин ќе се заштитат себеси, но ќе ги заштитат и оние кои не можат да се вакцинираат, нарекувајќи го тоа „придонес за заедницата“.
Германската влада од 23 август годинава ќе им наложи на сите невакцинирани и оние кои не го прележале коронавирусот да приложуваат негативен тест за секоја посета на болници и негувателски домови, како и за отворени или затворени угостителски објекти, фризери, вежбални, спортски центри и базени.
Во преноќувалишта, оние кои не се вакцинирани ќе мораат да приложат негативен тест на пристигнување, а потоа ќе мораат да се тестираат двапати неделно.
Целта на мерките е да се натераат што повеќе луѓе да се вакцинираат поради стравот на властите во земјата од нов бран на пандемијата, откако бројот на нововакцинирани почна да стагнира.