„Биди ИН, Биди ИНклузивен, биди ИНклудиран: Нова сензорна соба во ООУ “Аврам Писевски” во Карпош

Сподели

 

Денеска е ставена во употреба сензорната соба во ООУ „Аврам Писевски“ во општина Карпош, која е богата со стимулативни и асистивни содржини со кои ќе се поттикнува аудитивниот, визуелниот, физичкиот и тактилниот развој кај учениците со и без пречки во развојот или образовни потешкотии во ова училиште.

 

 

ИУТЕ Кредит како општествено одговорна компанија се приклучи кон целите на Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија, и ја  поддржа реализацијата на сензорната соба.

„Со големо задоволство се вклучивме на патеката на образовна инклузија во нашата земја. Како општествено одговорна компанија вложуваме во создавање на услови за поквалитетен живот на секој поединец. И бидејќи веруваме во инклузивен свет, преку личен пример со оваа активност, се надеваме дека ќе поттикнеме вложувања во образованието и во создавање на услови за еднаква пристапност на образование на секое дете.“ – рече Јасмина Апостолоска од ИУТЕ кредит.

 

 

На настанот присуствуваа претставници на општина Карпош кои им се заблагодарија на донаторите:

„Работиме на подобрување на образовните можности за сите ученици во нашата општина, со фокус на учениците со попреченост кои треба да ги имаат еднаквите услови за образование и воспитание како и сите други деца кои живеат во Карпош. Благодарение на фондацијата „Чекор по чекор“ веќе се реализирани неколку инклузивни активности во општината, но ги поканувам поединците и компаниите заеднички, партнерски да создаваме услови за среќни детства. Јас верувам дека со достапна и инклузивна средина, ќе може да ги развиваме потенцијалите на нашите деца, а тоа се потенцијалите на нашата иднина.“ – вели Гордана Зафировска – помошник раководител на сектор во општина Карпош.

Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“ која го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, истакнува дека на 20 месеци од спроведување на активностите од овој проект, се зголемуваат можностите секое дете да добие пристап до квалитетно образование.

 

„Со отворањето на  11 сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија, придонесуваме секое дете да добие пристап до квалитетно образование. Сензорните соби ги опремуваме со разновидна опрема која им обезбедува на учениците визуелна, аудитивна и тактилна стимулација при учењето, како и подобрување на фината и грубата моторика. Со создавање на пристапни и стимулативни средини за учење, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование за сите деца. Од особена важност е подобрување на условите во училишта како што е ООУ Аврам Писевски, каде скоро половина од учениците се под социјален ризик или имаат посебни потреби“,  потенцира Мишиќ .

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија, има цел да им помогне на училиштата каде учат учениците со попреченост – стипендисти на Проектот да ја подобрат својата инклузивност и пристапност.

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, се одговорни за реализација на проектот, во соработка со Министерството за образование и наука.