Денес, на маргините на Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши оствари билатерална средба со својот хомолог, претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук. На средбата присуствуваше и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши истакна дека Собранието на Република Северна Македонија по трет пат е претставено на највисоко ниво на парламентарните самити на Меѓународната кримска платформа , што е јасен показател на нашата посветеност кон овој форум, како и цврстата поддршка за Украина, на секое поле. Соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Врховната Рада на Украина, како на билатерален, така и на мултилатерален план, во рамките на меѓународните парламентарни собранија бележи значителен напредок изминативе години. Во овој контекст од особено значење се и бројните активности на пратеничките групи за соработка и пријателство од двата парламенти.
Во 2021 година, Делегацијата од Групата за пријателство Украина – Северна Македонија беше првата странска делегација што го посети нашето Собрание по пандемијата. Гаши ја нагласи недвосмислената и решителна поддршка и солидарност за Украина, украинските институции и украинскиот народ во бруталната, неоправдана и непредизвикана воена агресија на Русија врз Украина и во борбата против агресорот, што истовремено претставува борба за демократските вредности и заштита на меѓународниот поредок.
Претседателот Стефанчук искажа благодарност за постојаната поддршка на секое ниво и формат која нашата држава и ја пружа на Украина. Сите порадуваат оваа војна да заврши, но важно е и како ќе заврши војната. Претседателот Стефанчук нагласи дека на Украина во моментов и се повеќе од потребни поддржувачи и гласноговорници на сите меѓународни форуми особено земји – членки на НАТО.
Соговорниците се осврнаа и на фактот дека Република Северна Македонија како одговорна членка на меѓународната заедница и членка на НАТО, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а исто така ја поддржа одлуката за суспендирање на Русија од Советот на Европа, додека на 31 јануари годинава Северна Македонија и официјално се приклучи кон „Меѓународна коалиција за олеснување на враќањето на украинските деца депортирани или присилно раселени од привремено окупираните територии на Украина“ и изрази целосна поддршка за „Формулата за мир“ на претседателот Зеленски.
Третиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа се одржува во Рига, Република Латвија на 23 и 24 октомври 2024 година. Претседателот Гаши, воедно и претседател на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Меѓународната Кримска платформа, ќе се обрати пред учесниците на Самитот, а во состав на делегацијата е и генералната секретарка Марина Димовска.
Инаугуративниот самит на Кримската платформа се одржа во Киев на 23 август 2021 година на ниво на шефови на држави и влади. Првиот Самит на Парламентарната димензија на Кримската Платформа се одржа во 2022 година во Загреб, Република Хрватска, а Вториот Самит во 2023 година во Прага, Чешка Република.