Бирократијата ќе ја изеде државата – Ерол РИЗАОВ

Сподели

Деновиве, кога прочитав дека Македонија има околу 100.000 луѓе во државната администрација, двојно повеќе отколку на почетокот на независноста, прво на ум ми дојдоа професор Димче Коцо, кој ми предаваше пред половина век историја на уметност, а потоа Јанез Јанша, поранешниот словенечки премиер. Мислам дека тие двајца најдобро ја објаснија за обичните смртници разликата меѓу државна бирократија и современата европска администрација. Ќе ги споделам со вас овие убави и поучни приказни.

Легендарниот професор Димче Коцо, кој ни зборуваше за големите светски сликари со еден неповторлив јазик атипичен за нашите универзитетски професори, на пример, ни прикажуваше маестрално зошто Сандро Ботичели сликал убави жени, а не ќелавицата на неговиот пријател и колега Љубен Лапе. Така еден ден откако значајно ни покажа една слика на очигледно луд човек во болнички пижами не праша малку да размислиме чија е таа слика,ама да му кажеме подоцна. Беше тоа увод на предавањето како реалното се трансформира во апстрактно во уметноста, но и во животот.

Одам јас да вадам пасош, одвај го најдов шалтерот, ја почна приказната професорот. Јас онака мал сепак морав малку да се наведнам и да ѕирнам низ едно мало отворче, тие што се повисоки мораат многу повеќе да се наведнат. Кога, зад тоа отворче на стаклото стои едно картонче и не можам ништо да прашам. Се врткам натака, навака и на крај се решив да го помрднам тоа хартиено перде. И, оп, гледам една уста како џвака и една рака со бурек. Извинете велам дали овде се поднесуваат документи за пасош. Абе, ајван еден ми, вели човекот зад картончето на кој му ја гледам устата како џвака и зборува исфрлајќи трошки, нели гледаш дека горе пишува пауза од 9.30 до 10.00 часот, не можам од тебе на раат да доручкувам и, трас, пак го стави картончето. Извинете, извинете, се засрамив и бргу, бргу си заминав. Арно ама, морам да патувам, па малку се послужив со итрина и побарав врска преку фиљан човек, колега кој има врска со градскиот комитет на комунистите. Веднаш ми јавија да одам утре сабајле во 9.30 во службата за издавање пасоши. Аман реков не, само вие одете и кажете кој сте, ми рекоа. И, еве ме пак денеска пред да дојдам на предавање на шалтерот точно во 9.30. Картончето си стои, прозорчето покриено. Овојпат не го турнав, туку потчукнав и ја гледам пак истата уста како џвака. Се извинувам, велам, јас сум Димче Коцо ми рекоа…. не довршив човекот излета од една врата уште џвакајќи и ми рече: ви се молам професоре, зошто на шалтер чекате, веднаш појдете кај началникот ве чека, и ме испрати до канцеларијата на началникот. Додека го испивме кафето со началникот и додека ми ги кажа големите тешкотии и проблеми што ги имаат вработените и особено тој лично во пасошкото одделение мене ми стаса новиот пасош. Урааа.

Ајде сега дали знае некој кој го насликал ова дело. Не знае никој. Па добро, и нормално е да не знаете. Ова е слика на Пабло Пикасо. Сите извикавме, неее професоре не е можно… Зошто не е можно, возврати Коцо. Па ова нема врска со сликите на Пикасо, ова е чист реализам, како да е сликано со фотографски апарат. Да, да реализам, ама Пикасо сликал во својата младост и такви дела што не се кубистички. Сега ја гледате разликата нели, но јас сакам да ви кажам уште нешто со што не се согласуваат многу сликари и скулптори. Само тој уметник што успеал да го трансформира реалното во апстрактно има право на апстракција. Инаку, само апстрактното може да биде гола вода, лага, измама. Човекот што џвакаше бурек првиот ден е реален бирократ, утредента беше истиот, ама само исплашен откако слушна кој сум и кој ме препорачува неговата трансформација стана чиста апстракција која тој не ја поднесува. Запамтете деца, рече професорот, големите промени и реформи за кои постојано зборуваат политичарите ќе почнат кога на шалтерите нема да се наведувате и ќе нема пауза, туку само повелете. Ако дотогаш бирократијата не ја изеде својата држава како богомолка мажјакот.

Колумната на Ерол Ризаов во целост, прочитајте ја тука