“БИСТРО – МАТНО” Барометар на корупција за мај

Сподели

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ  МАЈ 2024 ГОДИНА

  1. Врховен судија и член на Советот на обвинители под истрага за примање поткуп – Активен врховен судија е уапсен поради примање поткуп, а претрес е извршен и во канцеларијата на член на Советот на јавни обвинители поради поврзаност со истото дело. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30 дена притвор на врховниот судија Наке Георгиев, откако тој беше уапсен поради наводно примање поткуп од 10.000 евра, односно за делото примање награда за противзаконито влијание. Сомнежите се дека Иџет Мемети заедно со Наке Горгиев имал влијание злоупотребувајќи ја позицијата член на Советот на јавни обвинители во случајот барање на мито за олеснителни околности за ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, познат како „Боро Марлборо“.
  •  ДКСК покрена иницијатива за утврдување одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители – Антикорупциската комисија информираше дека покренува иницијатива до сите надлежни институции за утврдување на одговорност за директорката и Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители поради прекршување на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, како и на Изборниот законик. Надлежните институции имаат рок од 60 дена да ја разгледаат и да постапат по оваа иницијатива.
  • Поднесено обвинение за распределбата на спортските ваучери, за 12 лица –  Обвинителниот предлог е по иницијатива на Антикорупциската комисија која лани во февруари соопшти дека постојат сомневања дека директорот на Агенцијата за млади и спорт и членовите на Централната комисија за доделување на ваучерите во 2020, 2021 и 2022 година ја искористиле службената положба и спротивно на законите извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.  Случај „Спортски ваучери“ – Мојсоски, Каевски и Димевски ќе се јавуваат во суд, но ќе ги задржат пасошите – Делумни мерки на претпазливост добија актуелниот и претходниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски и Дарко Каевски, како и првиот човек на Македонскиот олимписки комитет Даниел Димевски и уште 9 лица кои се обвинети за злоупотреби со доделувањето на спортските ваучери. Кривичниот суд им наложи на сите 12 обвинети еднаш неделно да се јавуваат кај определено службено лице во судот.
  • Антикорупциска до избраните функционери- функцијата претседател на влада и министер е неспоива со вршење други јавни функции – Уставот и законите треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери, поради што се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет, соопштија од антикорупциска. Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси се изрекува прекршочна санкција.
  • ДЗР: Неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – Законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот, соопштија од Државниот завод за ревизија (ДЗР), којшто изврши ревизија на успешност на тема „Управување со државниот имот“ со цел да се даде одговор на прашањето „Дали надлежните институции управуваат и стопанисуваат со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата на ефикасен начин?“ Како што се посочува во соопштението од ДЗР, со ревизијата е оценето дека постојната законска регулатива, мерките и активностите кои се преземани од Владата и другите надлежни институции не овозможуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – деловни и станбени објекти на државата.
  • Лошиот третман кон затворениците и корупцијата и натаму проблем во македонските затвори, апелира Советот на Европа – Во казнено-поправните установи во Македонија се направени подобрувања во однос на хигиената и состојбата во ќелиите, но и натаму е непроменет третманот кон лицата лишени од слобода од страна на полицијата и присутна е корупцијата меѓу затворскиот персонал, се посочува во најновиот Извештај на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување при Советот на Европа. Условите, како што се наведува во извештајот, се влошуваат и поради широко распространетата корупција и фаворизирање на одредени затвореници од страна на персоналот со што се поткопува правилното функционирање на установата.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАЈ 2024 ГОДИНА

  1.  Кривична пријава против поранешен директор на ПИОМ и уште две лица: Го оштетиле државниот Буџет за над 614 илјади евра – Како што информираат од МВР, кривична пријава била поднесена против Д.Б.(45) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“ како и против Р.Б.(72) и А.Х.(40) од Тетово, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 во врска со кривичното дело „злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ по член 275-в и „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
  • Странци пријавиле двајца полицајци дека им барале поткуп – поведена е дисциплинска – Поведена е дисциплинска постапка против двајца полицајци откако странски државјани ги пријавиле дека им барале поткуп. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР постапил по примена пријава од странски државјанин за кривично дело “Примање поткуп“ предвидено по чл. 357 од КЗ против двајца полициски службеници од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје“.
  • Кривична пријава против директорка на средно училиште во Делчево – Надворешна канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против Д.Ц.(52) од Делчево, директорка на средно училиште, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“. Пријавената, без да спроведе транспарентна постапка за набавка на стоки и услуги, извршила набавка од повеќе правни лица во вкупна вредност од 905.482 денари, а со Законот за јавни набавки е предвидено дека износот на извршени набавки без спроведена јавна набавка во текот на годината не смее да го надмине износот од 12.000 евра во денарска противвредност.