Битиќи со делегацијата на ЕП: Преземаме сеопфатни реформи за интеграција во ЕУ

Сподели

 

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, оствари средба со европската парламентарна делегација, предводена од европарламентарецот Андреас Шиедер, на која присуствуваше и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.

Во фокусот на средбата беа мерките на Владата во справување со економската и енергетската криза, како и реформите кои се неопходни за остварување на стратешката цел за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Потпретседателот на Европскиот Парламент, Виланд, во воведното обраќање нагласи дека Северна Македонија е од исклучително значење за Европската Унија, и дека ги препознаваат реформите кои нашата земја ги спроведува во нејзините напори за членство во Унијата.

Вицепремиерот Битиќи подетално ги информираше членовите на европската делегација за напорите кои ги правиме и за значителниот напредок во исполнувањето на критериумите за пристапување во ЕУ, за што презедовме сеопфатни реформи во различни сектори, со што ја покажавме нашата посветеност за забрзано усогласување со европските стандарди и целосен респект за европските вредности.

„Овие напори ги опфаќаат клучните области како што се владеењето на правото, независноста на судството, антикорупциските мерки, слободата на медиумите и заштитата на човековите права. Нашиот напредок е сериозен доказ за нашата решителност како Влада целосно да ги респектираме истите вредности, а членството во ЕУ, не само што ќе ја зацврсти нашата посветеност на овие принципи, туку и ќе обезбеди одржлива рамка за развој, економски просперитет и засилена регионална соработка“, рече Битиќи.

Вицепремиерот се осврна и на мерките во економијата насочени кон стабилизирање на економијата и поттикнување на растот. „Се фокусиравме на реформи за привлекување странски инвестиции, зајакнување на конкурентноста и стимулирање на претприемништвото. Иницијативите дадоа позитивни резултати и доведоа до зголемени странски директни инвестиции и отворање нови работни места, и покрај предизвикувачките околности“, рече Битиќи и додаде дека Северна Македонија има солидна институционална рамка и стратегија за промоција и олеснување на инвестициите.

Вицепремиерот Битиќи се заблагодари на огромната финансиска помош и на поддршката која ја добивме од ЕУ за време на енергетската криза, и која сè уште ја добиваме, преку ИПА, преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и во форма на макрофинансиска поддршка, и притоа ги информираше европарламентарците и за домашните напори на Владата за време на енергетската криза, со субвенционирање на потребите на граѓаните за електрична енергија за 650 илјади домаќинства и за 70 илјади компании. Тој се осврна и на анти-ковид мерките, со кои беа зачувани над 140 илјади работни места, и за последните мерки за замрзнување а цените, што резултира со намалување на инфлацијата. Комбинацијата на домашни национални мерки со поддршка и финансиска помош од ЕУ, даде конкретни резултати.