Благ пад на поддршката за членство во ЕУ

Сподели

 

Во 2022 година, 64% од населението позитивно би гласало за членство на Северна Македонија во ЕУ, што е за четири проценти помалку од 2021 година и е речиси еднакво на резултатите од 2019 година, кога имаше најниски вредности за позитивна поддршка во рамките на временскиот период кој е опфатен со истражувањето.

 

 

Постои значителен јаз меѓу двете најголеми етнички заедници – етничките Македонци и етничките Албанци во земјата во нивото на поддршка за членство во ЕУ. 57% од етничките Македонци го поддржуваат членството во ЕУ, додека поддршката кај албанската етничка заедница е 79 проценти.

Оваа година има значително подобрување на кредибилитетот на Европската Унија, која е посочена како најдобар сојузник на Северна Македонија. Во 2022 година е забележан пораст од 19% и поддршката изнесува 32% во споредба со 13% во 2021 година. По неа следуваат САД со 17%, Србија со 10% и Русија 9%.

Речиси половина од населението смета дека земјата не е подготвена за членство во ЕУ, а една третина од населението смета дека Северна Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ.

И покрај фактот што уставните измени за вметнување на нови малцинства, особено бугарското малцинство се неопходни за отворање на поглавјата, речиси две третини од граѓаните (65%) не се согласуваат со истите.

Испитаниците се поделени околу ставот дека ‘нападот врз Украина е реакција на провокациите на НАТО кои Русија не можеше да ги игнорира’. Половина (51%) од испитаниците во одредена мера се согласуваат со оваа теза, додека 38% не се согласуваат. Мнозинство од испитаниците (55%) целосно се согласуваат дека само преговори, а не победа на Русија или Украина се решение за војната.

Ова се дел од наодите од двете истражувања изработени од страна на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер кои беа презентирани денеска во Министерството за надворешни работи во Скопје.

Истражувањата произлегуваат од спроведена телефонска анкета од 17 до 30 ноември 2022 година, на национален репрезентативен примерок од 1005 испитаници.

 

Поздравни обраќања на настанот дадоа Филип Тосевски, Државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Претседателот на ИДСЦС, Марко Трошановски и Даниел Браун, директор на Канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во Северна Македонија.

Коментар на резултатите даде Амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.

Тосевски рече дека процесот на ЕУ пристапување не претставува само процес на институциите, тоа е процес во кој треба да се вклучат сите  stake holderi особено цивилното општество. Министерството за надворешни работи токму затоа со задоволство останува отворено за соработка со невладиниот сектор и ќе се залага за негово вклучување во надворешната политика. Особено е важно да се дискутира за процесот на европските интеграции и граѓаните да имаат поголеми можности да се информираат за оваа тема, затоа што станува збор за иднината на сите граѓани, а не за иднината на институциите.

Според Трошановски, резултатите покажуваат дека кредибилитетот на ЕУ закрепнува односно бележи значително подобрување во споредба со претходната година како од аспект на влијание така и од аспект на сојузништво. Но, тој додаде дека оваа перцепција, не е проследена со пораст на спремноста да се влезе во ЕУ која со години наназад е разбирливо опадната, а вината ја гледа во самата Унија особено со поларизацијата што ја создаде преговарачката рамка.

„Оваа ситуација ја замаглува одговорноста на домашните политички елити од застојот во реформите и на некој начин за жал им дава алиби. Оттука, моментот е круцијален за да се задржи порастот на кредибилитетот на ЕУ заедно со желбата на граѓаните да бидат дел од ЕУ. Не сакаме ситуација каде луѓето ја сметаат ЕУ за добар сојузник, но не сакаат да бидат дел од неа. Покрај нас самите, клучно е како ЕУ ќе се постави кон земјата во претстојниот период за да не се изгуби овој позитивен моментум. Потребна е конкретна временска одредница за влез на регионот во ЕУ и конкретизирање на новата методологија која на делови е нејасна и отвора можност за повторно одолговлекување на проширувањето до недоглед. Дополнително, многу е важно вклучување на земјата во институции на ЕУ од кои граѓаните ќе имаат директни бенефиции. Во делот на нашата рамка ЕУ мора појасно да покаже дека ќе ја заштити земјата од непринципиелните намери на Бугарија за историски ревизионизам кон земја кандидат, и на пример да номинира свој претставник во ткн „историска комисија“. Само така кредибилитет може да се возобнови. Во спротивно ќе продолжи да паѓа и наклонетоста на граѓаните кон трети страни ќе расте, не само поради симболично одмазда и револт од изневерените очекувања туку и како вистинска алтернатива“, додаде Трошановски.

Браун изрази разочарување дека скептицизмот во однос на ЕУ и понатаму е присутен.

„За жал, трендот на зголемување на разочарувањето и скептицизмот во однос на ЕУ е и понатаму присутен, а поддршката за пристапување во ЕУ достигнува нови ниски вредности. Причините за ова треба критички да се анализираат и во самата Европска Унија, но и во Северна Македонија“, рече Браун.

Амбасадорка Ами Ларсон Џејн, во нејзиното обраќање ги истакна приоритетите на шведското претседателство со ЕУ, кои Шведска традиционално ги застапува во ЕУ, но исто така одговараат на актуелните геополитички и економски предизвици со кои се соочува Унијата а тоа се: безбедност – единство, отпорност – конкурентност, просперитет – зелена и енергетска транзиција и демократските вредности и владеењето на правото.  Таа се осврна и на новата геополитичка ситуација со која е соочена ЕУ и стравот што можеби се јавил во земјите од Западен Балкан за источно ориентирање на Унијата во проширувањето. Со самитот на ЕУ во декември во Тирана ЕУ даде јасна порака за нејзините приоритети во процесот на проширување и  дека иднината на граѓаните од Западен Балкан е во Европската унија.

Таа истакна и дека лекција за ЕУ ​​и за земјите-членки е дека е потребна поголема видливост на поддршката на ЕУ. Треба да се подобри комуникацијата на блиските односи помеѓу Северна Македонија и ЕУ, како на тоа како процесот на интеграција во ЕУ веќе има корист за земјата и граѓаните на Северна Македонија. Не помалку важно е да се пренесе и поддршка што земјите-членки на ЕУ ја даваат за Северна Македонија на билатерално ниво, и тоа да се направи на начин на кој граѓаните можат да осознаат како тоа влијае на нивните животи, низ конкретни примери.

Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институт за демократија.