Претседателот на Владата Оливер Спасовски денеска придружуван од министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче се сретна со дел од тимот што ја направи првата трансплантација на срце на 23 мај годинава, на кои им додели благодарница за историскиот подвиг, посебно именувајќи ги сите кои учествуваа во сложениот зафат.
На средбата присуствуваше и синот на донорот Емилија Динева, Влатко Динев, на кого премиерот Спасовски симболично му врачи благодарница, изразувајќи му огромна благодарност од свое лично име и од име на Владата.
„Благодарницата за семејството Диневи, сакам лично да му ја предадам на синот на Емилија Динева, Влатко и да се заблагодарам прво за нејзината лична одлука, а потоа и за согласноста на семејството нејзината одлука да ја претворат во трајно сеќавање за нејзиниот исклучителен хуман гест и желба, своите органи да ги дарува на оние на кои им се во моментот најпотребни за да продолжи друг живот“, рече премиерот Спасовски, кој ја искористи приликата да се заблагодари и на Иван Огненовски, кај кого беше извршена трансплантацијата и на неговото семејство, кои како што подвлече Премиерот, покажаа доверба во домашното здравство и во стручноста на целиот тим и му посака добро здравје.
Обраќајќи се кон тимот, лекари и медицински персонал, премиерот Спасовски истакна дека успешната трансплантација на срце е историски резултат и вистински подвиг и сведоштво за висината на експертизата и стручноста на целиот здравствен систем во нашата земја бидејќи опфати голем број здравствени институции и поединци кои се вградени во ова историско остварување.
„Во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, вие се обединивте, ги здруживте вашите капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршите зафат што претставува круна во кардиохирургијата и медицината воопшто“, оцени премиерот Спасовски.
Спасовски подвлече дека во изминатите години, Владата силно инвестираше во здравствениот кадар како столб на здравствениот систем – луѓето кои го обезбедуваат здравјето, кои што ја овозможуваат грижата и негата за сите граѓани, потенцирајќи дека тоа ќе продолжи и понатаму со целосна поддршка на министерот Филипче и Министерството за здравство, при што со медицинските работници разговараше за актуелните решенија и активности во здравството.
Министерот за здравство Венко Филипче пред присутните истакна дека со оваа постапка се заокружија два големи сегменти во здравствениот систем во нашата земја: трансплантацијата и кардиохирургијата.
„Ова е само почеток на една успешна соработка. Со овој чин се подигна свеста да се донира орган. Ги направивме сите подготовки за тоа што треба да значи трансплантација на срце. За кратко време се организираше целата работа и се заврши во најдобар ред. Направивме еден т.н „heart“ тим во којшто членуваат сите кои имаат познавање со кардиохирургијата. Од срце се заблагодарувам на семејството на починатата за хуманоста која ја покажаа на дело“, рече министерот Филипче.
Министерот за здравство Венко Филипче пред присутните истакна дека со оваа постапка се заокружија два големи сегменти во здравствениот систем во нашата земја: трансплантацијата и кардиохирургијата.
„Ова е само почеток на една успешна соработка. Со овој чин се подигна свеста да се донира орган. Ги направивме сите подготовки за тоа што треба да значи трансплантација на срце. За кратко време се организираше целата работа и се заврши во најдобар ред. Направивме еден т.н „heart“ тим во којшто членуваат сите кои имаат познавање со кардиохирургијата. Од срце се заблагодарувам на семејството на починатата за хуманоста која ја покажаа на дело“, рече министерот Филипче.
Директорот на Клиниката за Државната Кардиохирурхија, д-р Сашко Јовев им се заблагодари на претставниците на Владата за тоа што го препознаа нивниот труд.
„Трансплантацијата на срце претставува врв во срцевата кардиохирургија и во медицината воопшто. Но, ова што практично би требало да го препознаеме сега има научен, стручен, човечки мотивиран потенцијал, пред сè во државното здравство кој треба да биде препознаен. Единствено ни треба само малку ветар во грб, а се останато оставете го на нас. Сакам да се заблагодарам на синот на починатата затоа што спасија три животи. Со трансплантацијата не треба да престанеме тука. Оваа програма мора да постои, да опстои, да се развива, а ќе ја развиваме со помош од државата, медиумите и сите мотивирани стручни лица кои го претставуваат тимот“, рече д-р Јовев.