Богојављенски собир на светската хуманистичко – интелектуална елита во Охрид

Сподели

 

На 18 јануари, во Охрид, воочи на денот – верски христијански православен празник Водици – Богојављение, со почеток од 13 часот, ќе се одржи Интернационална онлајн конференција: “Цивилизација на љубовта и Носталгија за соединување”, како дел од Охридската школа за хуманизам – од средниот век до денес во Европа и светот, организирана од Светската академија на хуманизмот.

 

 

Истовремено, ќе се одржи и церемонијата на прогласување на професор Далимир Хајко (Словачка), за добитник на Светската награда за хуманизам за 2022 година.

Собирот ќе започне со специјален музички перформанс: „Химна на Свети Климент Охридски“, во изведба на профeсорите од Меѓународниот универзитет Европа Прима, Љупчо Коскаров и Дарко Мариновски. Во слава на Охрид – градот на УНЕСКО, познат како „словенски Ерусалим“ или „Балканска Венеција“, славејќи ја славата на Лихнидос (древното име на градот) – градот на светлината, насекаде низ светот.

Темата на Конференцијата: “Цивилизација на љубовта и Носталгија за соединување”, произлегува од примарната мисија на Охридската академија на хуманизмот, да ја продолжи визијата на Свети Климент и Свети Наум, основачи на првиот универзитет во овој дел на Европа, кој во исто време беше и првата школа на хуманизмот, основана во 9. век.

Тие беа ученици на светите браќа, апостолите Св. Кирил и Св. Методиј, кои во 1980 година, папата Јован Павле Втори ги прогласи за патрони на Европа, за нивното духовно убедување како цивилизација на љубовта и носталгија за соединување.

На почетокот на Конференцијата, свои обраќања ќе имаат амбасадорот Јордан Плевнеш и словачкиот амбасадор во Македонија, Хенрик Маркус, додека традиционалната награда – статуетка на Св. Климент во резба, ќе ја врачи градоначалникот на Охрид,  Кирил Пецаков.

Прифатен говор на наградата на Светската академија на хуманизмот, наречен “Парадоксите на хуманизмот”, ќе одржи професор Далимир Хајко. Тој испрати претходно Послание во кое, мегу другото, пишува:

“Хуманизмот е парадокс во самата своја суштина. Во име на хуманизмот, насилно се менуваат цивилизациските предлошки на земјите; во име на хуманизмот, се напаѓаат религиите – бидејќи не им одговараат на идеите на напаѓачот. Но, истовремено, тој го враќа човекот кон себеси. Тој е апстрактна филозофска проекција, тој е антрополошка константна.Хуманизмот е толку едноставен колку што е и мистериозен. Нема ништо поедноставно од „љубовта кон човештвото“ и ништо посложено од љубовта кон одреден човек – дел од ова човештво – често изгубена, предадена и напуштена од сите”.

Меѓу годинешните учесници, познати имиња од светот на културата, литературата, политиката, хуманизмот, е и Жан-Патрик Конерад, професор по физика на Империал колеџот во Лондон, кој е и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевноста (ЕАСАЛ), добитник на Светската награда за хуманизам 2018 година, пренесува Веле Митаноски, портпарол на Академијата.

Потоа, академик  Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и премиер на Италија, добитник на Светската награда за хуманизам за 2019 година, Рикардо Брици, професор на Универзитетот во Болоња, Мартина Павликова, проректор на Универзитетот Константин Филозоф во Нитра, Словачка, проф. Роман Кралик, од Универзитет за пријателство со народите во Русија (RUDN) од  Москва, Теруко Јамазаки, поет и новинар од Токио.

Исто така, свои обраќања ќе имаат: Фроса Пејоска, професорка во INALCO, Париз,  Фредерик Фапани фон Лотринген, CNRJ (Cercles Nationaux de Réflexion sur la Jeunesse), Париз, д-р Седрик Уанекпоне, добитник на наградата за млад хуманист за 2019 година, од Централноафриканската Република, Проф. Фабрис Д’Алмеида, од Универзитет Пантеон Асас II, Париз, почесен доктор на ИУ Европа Прима, Вида Огњеновиќ, од Белград, добитник на Светската награда на хуманизмот.

Досега, организаторот – Светската академија на хуманизмот, манифестацијата ја одржуваше од своето традиционално место, Куќата на Уранија (МАНУ) во Охрид. Годинава, поради ковид-пандемијата и заштитните протоколи, ќе се одржи преку Интернет, со над 30 учесници кои ќе имаат свои излагања.

Наградата на Светската академија на хуманизмот се доделува по 16-ти пат, колку што години трае манифестацијата. Лани, на 15. годишнината, беше одлучено, а годинава ќе се изврши промоција на Спомен обележјето, кое на летен Св.Климент, ќе биде поставено кај месноста Долна Порта – влезот во старото градско јадро Идејата и нацртот е на еден од досегашните добитници на Светската награда на хуманизмот, Светлин Русев, од Бугарија, додека делото, изработено од прилепски мермер, е уметнички  обликувано од Жарко Башевски.