БОЛНО ПЛЕМЕ (2) – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Најочигледната надворешна манифестацијата на болеста од кое боледуваше „болното племе“, беше моралното трулење на општеството. Тоа постепено прерасна во морална депресија и зафати такви размери, што можеа скоро молчешкум да се прифатат во јавноста идиотските приказни за „странски служби и жолти комбиња“, за „сечени, креирани и лепени материјали“, за изведување на „пуч“ без војска по улиците, за „предавничките комуњари кои сакаат да го продадат името и да воведат двојазичност“, за „чудото“ на „крварење“ и „самочистење“ на фреските во „Свети Димитрија“ во Скопје, за тоа дека Земјата има форма на плоча, за новото и „генијално“ читање на „каменот од Розета“, како и за безбројно други слични грандиозни небулози и умноболни фантазии од таканаречените „десни интелектуалци“ и од партискиот Центар за лаги и манипулации. Така, припадниците на болното племе потполно се загубија во просторот и времето, па како под дејство на силна наркоза, молчешкум ги прифаќаа лагите и кривоклетствата на портокаловите челници на злодејствата и измамите.

Можеше лесно да се забележи дека портокаловата болест е пандемично заразна и дека првенствено ги погодува ниските карактери, некадарните губитници и интелектуалните полуписмени лилипутанци. Најповеќе, амбициозните монструми кои беа неограничено алчни за власт и пари. Последниве месеци, се забележуваше дека мислата од која најповеќе се плашеа заболените, од која имаа кошмари и на сон и на јаве, им беше онаа дека, по повеќе од десет години бесрамно и неконтролирано владеење, ќе ја загубат власта, ќе ги загубат привилегиите, службените возила, удобните фотељи, скапите проститутки, измислените работни места на терет на државната каса…

Се знае дека болестите се најопасни кога не постои болка. Во некои од повисоките стадиуми на нашата колективна шизофрено-параноична портокалова болест, не само што не постоеше болка кај заразените луѓе, туку тие изгледаа и се чувствуваа совршено „здрави“. Едноставно, сета ненормалност и сета неморалност, сета дизинтеграција на мисловните процеси, сета илузија на страв и гонење предизвикани од болеста, по одреден период се прифаќаа како нормални и не се забележуваа. Во овој стадиум, всушност, болното племе не знаеше дека е болно. Припадниците на ова племе, честопати умираа во состојба на нирвана, која произлегуваше од убедувањето дека се здрави. Дури, и можноста за сопствената смрт ја сфаќаа како инсинуација на „нечистите сили“ на Натемаго, на светскиот комплот против „библиската лулка на светската цивилизација“, на „еврејското и грчкото лоби во САД“…

И покрај отсутноста на клинички симптоми, заразените со портокаловата болест, сепак, можеа да се препознаат по тоа што гледаа исклучиво провладини телевизии и веруваа на секаквите лаги и глупости кои таму се зборуваа, се воодушевуваа од походите на Александар Македонски, од измислената и непостоечка „храброст“ на бугарашките „комити“ на Александров и Михајлов, веруваа дека го сфатиле антимакедонскиот заговор на светската масонерија, стоеа подзинати од воодушевување пред „светите православни икони“ и божјите чуда, сметаа дека спомениците и гипсаните барокни фасади се врв на светското уметничко достигнување, секојдневно го очекуваа пронаоѓањето на гробот на Александар Македонски, а, сосема антикомунистички и бугаромански индотринирани, горостасите Конески и Рацин ги сметаа за „џуџиња“… Таквите „пациенти“, со својата интелектуална тапост и духовна сиромаштија, болеста ја прогласуваа за „света болест“, а самите себе се прогласуваа за „маченици на Татковината и Светиот крст.“ Добро, мора да се признае, навистина имаше болни „пациенти“ кои успеале да сочуваат раска разум, па прифаќаа и признаваа „некои ситни грешки на Водачот и неговиот братучед“, што значи дека индиректно признаваа дека се болни, ама својата морална декаденција и кримогено однесување предизвикани од болеста ги сметаа за природни и продолжуваа „доброволно“ да боледуваат.

И, на крајот, што да се каже за терапијата која е потребна за лекување на болното племе? Со оглед дека се работи за повеќеслојна, тешка, ментална болест, болест која зафатила голем дел од еден народ, може и треба да се каже многу, ама тоа бара друг медиум и друг формат на пишување.