Бон: Многу е сериозно доколку се докаже дека САД ја шпионирале Меркел

Сподели

 

Француската Влада денеска соопшти дека постои „крајно сериозен проблем“ доколку се докажат медиумските информации дека САД, со помош на данското разузнавње, шпионирале врвни политичари во Европа.

-Ова е исклучително сериозно, треба да видиме дали нашите партнери во ЕУ, Данците, направија грешки или нарушувања во соработката со американските власти, изјави францускиот министер за европски прашања Клемент Бон.

 

Тој додаде дека би било, исто така, многу сериозно доколку се покаже дека Вашингтон ги шпионирал лидерите на ЕУ.

-Меѓу сојузниците мора да постои доверба, најмалку барем соработка, така што овие потенцијални факти се сериозни, рече министерот Бон.

Тој кажа дека фактите прво треба да бидат „проверени“, а потоа „да се извлечат заклучоци во врска со соработката“.

Данските и европските медиуми, вклучувајќи го и францускиот весник „Ле Монд“, вчера јавија дека САД, со помош на данското разузнавање,од 2012 до 2014 година шпионирале врвни европски политичари, вклучувајќи ја и германската канцеларка Ангела Меркел.

Американската агенција за национална безбедност (НСА) ја искористила соработката за надзор со данското воено разузнавање за да го стори тоа, се наведува во соопштението.

-Тоа не е нешто што треба да се игнорира, рече Бон, притоа признавајќи дека наводите за прислушувањето на Меркел од страна на американски официјални лица датираат уште од 2013 година.