Бразил по смената на Русеф: Судир на полицијата и демонстрантите

Сподели

Од полицијата соопштија дека биле принудени да употребат солзавец, шок-бомби и водени топови за да ги сузбијат насилните демонстрации, кои започнаа мирно

thumbs_b_c_7c6a0ac7d7dbf74892a237aef21ccefc

САО ПАОЛО (АА) – Полицијата на Сао Паоло вчера се судри со граѓаните кои излегоа на улиците на градот за да повикаат на нови претседателски избори, пет дена по разрешувањето на поранешната претседателка Дилма Русеф, пренесува Anadolu Agency (AA).

Од полицијата соопштија дека биле принудени да употребат солзавец, шок-бомби и водени топови за да ги сузбијат насилните демонстрации, кои започнаа мирно.

Граѓаните на протестот истакнаа транспаренти со кои одбиваат Мишел Темер, кој е привремен претседател на Бразил, да остане на таа позиција до крајот на годината.

Истиот ден, неколку стотици Бразилци се собраа и на најголемата плажа во Рио де Жанеиро, Копакабана, каде што исто така повикаа на вонредни претседателски избори.

Сенатот ја изгласа смената на Русеф на 31 август, поради финансиски малверзации, а до крајот на нејзиниот мандат, кој истекува на 1 јануари 2019 година, должноста претседател ќе ја извршува поранешниот потпретседател на десничарската партија Бразилско демократско движење (ПМДБ).

Смената на претседателката обвинета за нелегално управување со државните пари во 2014 и во 2015 година, како и за кршење на фискалните закони, го означи крајот на 13-годишното владеење на Владата на бразилската Работничка партија.

Милиони Бразилци со месеци повикуваа за разрешување на Русеф. Тие на протестите низ целата земја укажуваа на најлошата економска ситуација во којашто некогаш се има најдено Бразил.