БРИСЕЛ: Најдете заедничка основа за формирање стабилна, цврста и одговорна влада

Сподели

 

Тројцата европратеници и известувачи за Македонија, Едвард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, заедно со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, излегоа со заедничка изјава во која наведуваат дека изборите од 11 декември се важен чекор за надминување на политичката криза во Македонија.

„Овој процес мора да продолжи за државата да се врати на патот на ЕУ-интеграциите. Нема време за губење“, стои во заедничката изјава.

Дипломатите од Брисел ги повикаа политичките лидери да најдат, со целосно почитување на законските рокови, заедничка основа за формирање стабилна, цврста и одговорна влада. „Таква коалиција би требало да се потпира на силен, инклузивен, реформски консензус и на меѓуетничка соработка. Сето ова е клучно за да се врати земјата на евроинтегративниот пат, на кој сите партии се обврзаа, а кој граѓаните го посакуваат и го заслужуваат“, се вели во изјавата.

Во неа се наведува дека тоа е долгорочен процес, кој бара сите политички партии, кои ги делат тие стратегиски цели, да работат заедно за да ги направат можни неопходните промени.

„Апелираме до сите политичари да продолжат да работата на цврста и брза имплементација на Договорот од Пржино и реформски приоритети и да го поддржат Специјалното јавно обвинителство кое мора да има време и ресурси за да ја заврши својата работа на независен и неполитизиран начин“, се наведува во изјавата.

meta.mk