Брисел демантира: ЕК не подготвува раздвојување на С. Македонија и Албанија

Сподели

 

По серијата изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно Албанија сама да продолжи на европскиот пат доколку С. Македонија не го реши спорот со Бугарија, неколку медиуми цитираат извори во ЕК кои го тврдат спротивното, пренесува Дојче веле.

Денеска и порталот Политико кој редовно информира за случувањата во Брисел, како и дописникот на Волстрит Џурнал цитираат „високи функционери“ на Европската комисија кои велат дека не се подготвува одвојување на С. Македонија и Албанија.

Синоќа преку Твитер се јави дописникот на Вол Стрит Џурнал од Брисел, Лоренс Норман, кој повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската комисија. „Не подготвуваме раздвојување“, велат од ЕК, напротив, Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.

 

 

Во кус коментар објавен денеска и порталот Политико го тврди истото. Бриселскиот медиум, исто така се повикува на висок функционер кој експлицитно ги демантирал изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.

„Од Комисијата следуваше експлицитен одговор: Службите не подготвуваат никакво раздвојување, вели висок функционер, сугерирајќи дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба“, пишува Политико.

DW.COM