Британските служби за антитероризам приведоа 11 мажи во истрагите поврзани со забранетата неонацистичка група, соопшти денес полицијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти полицијата на Манчестер, лицата на возраст меѓу 22 и 35 години, се приведени на различни локации низ Велика Британија.
Петмина членови на „National Action“ (Национална Акција), вклучувајќи и активни британски војници, беа приведени минатиот месец, а тројца се појавија пред судот под обвинение за прекршоци поврзани со тероризмот.
„Истрагите во врска со наводите за активностите на екстремните десничари се спроведуваат со исто ниво, ресурси и енергија како и кон другите идеологии, со цел да се доведат осомничените прекршители пред лицето на правдата“, изјави високиот офицер на лондонската полиција за борба против тероризмот, Нил Басу.
Тој потврди дека денешните приведувања се резултат на две одделни истраги во кои се вклучени одреден број британски полициски сили.
„National Action“ е прогласена за терористичка организација во декември 2016 година.
Антисемитската и групата на бели супремацисти го славеше убиството на пратеничката од Лабуристичката партија, Џо Кокс, во јуни 2016 година, извршено од Томас Маир, инаку симпатизер на екстремната десница.
Групата се опишува како „Национална социјалистичка младинска организација“. Сепак, британската министерка за внатрешни работи, Амбер Руд, ја опиша како расистичка, антисемитска и хомофобична група.