Британските пратеници со вечерашното гласањево Долниот Дом
го отфрлија Договорот за повлекување на Велика Британија од Европската Унија,
на премиерката Тереза Меј, со 432 гласа “против”, наспрема 202 гласа “за”.
По отфрлањето на договорот за Брегзит, Меј рече дека
доколку опозицијата побара, нејзината Влада е подготвена уште утре да се
расправа за довербата на нејзиниот Кабинет.
Британскиот опозициски лидер веднаш повика на гласање
доверба на владата на Меј, истакнувајќи дека вечерашниот е најголем пораз за
британската влада од 1920 година. Тој го повтори својот план да не се затвора
дијалогот со ЕУ и да се направат обиди да се издејствува трговска унија со
блокот и слобода на движење на луѓето.
Против Договорот на Меј не гласаше само опозицијата, туку и
нејзини пратеници. Северноирската Демократска Унионистичка партија најави дека
ќе ја поддржи владата на утрешното гласање на доверба. Брзо пристигнаа и
реакциите од Брисел – „Ако договорот е невозможен, а никој не сака да излезе
без договор, кој ќе има конечно храброст да каже кое е единственото позитивно
решение“, напиша претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск на Твитер. Од
претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер пристигна порака – „Ја
повикувам Британија да ги разјасни намерите колку што може побрзо. Времеро само
што не истекло“. Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека Брисел не
треба да преговара повторно со Лондон.
Сега од премиерката се очекува во рок од три работни дена
да го информира парламентот за планот Б на владата.
Велика Британија треба да го напушти блокот на 29 март, по
над 40-годишно членство во Унијата.