При дополнително прегледување на изгорениот автобус на „Беса Транс“ што во вторникот ноќта имаше сообраќајка и изгоре на автопатот „Струма“ близу бугарскиот град Перник, е пронајдено уште едно тело. Станува збор за тело на дете, јави Бугарската националната телевизија (БНТ), пренесувајќи изјава на заменик-главниот обвинител на Бугарија и раководител на Националната истражна служба, Борислав Сарафов.
Со ова сознание, бројката на загинати патници на автобусот што од Истанбул, Турција, се враќал во Северна Македонија, повторно се враќа на 45, колку што беа познати до вчера, до прес-конференцијата на Јавното обвинителство на Бугарија, кога и самиот Сарафов нагласи дека во истражната постапка на бугарското обвинителство се 44 тела, а не 45, како што се сметаше до тој момент.
Инаку, ДНК-примероците и идентификациите македонското Јавно обвинителство денеска ги предава на своите бугарски колеги и се очекува точна идентификација на посмртните останки на жртвите во најбрз можен рок.