ДУИ ги демантира тврдењата на Никола Груевски дека Али Ахмети никогаш не побарал писмена гаранција зашто, како што изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, имал доверба во ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот Бујар Османи е дециден – гаранцијата што се бара од СДСМ е истата што беше испорачана и до ВМРО-ДПМНЕ, пренесува Алсат-М.
„Тоа е истата што ја имавме со ВМРО-ДПМНЕ за време на преговорите – јасно да се детализира законот за албанскиот јазик и целата платформа да се смета заедничка платформа за евентуална владина програма”, рече Османи.
„Претседателот Ахмети одржува контакти со сите политички партии, се уште остануваат сите 5 опции отворени поради тоа што цениме дека првата понуда беше недоволна и не знаеме колку ќе биде задоволувачка втората понуда, затоа сите опции остануваат отворени. Решението ќе се заснова на тоа дали ќе бидат задоволени барањата на ДУИ за реализирање на платформата и договорот потпишан со албанскиот народ на 11 декември“, додава Османи.
Османи повтори дека СДСМ ќе може да смета на потписите на пратениците на ДУИ само ако се постигне договор прифатлив за партијата.