Бундестаг: Oние кои се на власт со сета сила избегнуваат соочување со правдата

Сподели

Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг расправаше за актуелната ситуација во Македонија, а по завршувањето на седницата, социјалдемократот Јосип Јуратовиќ изјавил дека ситуацијата во Македонија е тешка во поглед на формирање влада, јавува „Дојче веле“.

Тој смета дека мора да се продолжи со посредништво, за да се признае резултатот од изборите за да се состави влада.

„Во една демократија легитимно е коалициите, односно мнозинствата, слободно да се составуваат. Имајќи предвид дека постои предлог за коалиција, едноставно се очекува претседателот да се согласи со изборот. Сега сме повикани, односно европските институции во земјата, треба јасно да му стават до знаење (на Иванов, н.з.) дека, од демократски аспект, од него едноставно се очекува тој со тоа да се согласи, тоа да го легитимира“, изјавил Јуратовиќ.

Германскиот социјалдемократ смета дека „оние кои се на власт со сета сила избегнуваат соочување со правдата“. Според него, решението е во чекорењето на земјата по парламентарен пат.

Јуратовиќ препорачал досегашните европски посредници да продолжат со посредништво, а сестринските конзервативни партии на ВМРО-ДПМНЕ да ѝ укажат на партијата дека демократизацијата е неопходна.

Германскиот демохристијан Торстен Фрај оценил дека „во моментов, партиите во Македонија се занимаваат само со себе и со уставни прашања“.

„Според мене, станува збор за две работи. Прво, треба да се почитуваат резултатите од изборите, тоа важи и за мнозинствата, добиени по тие избори. Второ, сомнежите на ВМРО-ДПМНЕ, но и голем дел од населението, односно воздржаноста кон  платформата на албанските партии и повторното ставање во центарот на суверенитетот и на унитарноста на државата, треба да се почитуваат. Врз основа на овие две премиси, според мое мислење, треба да се направи обид за решение на конфликтот“, вели Фрај.