Односите меѓу двете држави, приоритетите на Македонија, членството во ЕУ и во НАТО, како и политичката ситуација во земјава и надвор од неа, се темите за кои разговарале министерот за надворешни работи на Турција, Мевљут Чавушоглу, и министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.
Шефот на македонската дипломатија посочи дека со турскиот колега зборувале за развивање на економските односи и трговија. Чавушоглу вели дека Македонија може да биде пример за сите земји кога во прашање се билатералните односи, а изрази и поддршка за добивање членство во НАТО.
– Ја следите состојбата во нашиот регион, каде има сериозен развој на настаните. Ние ќе бидеме ваша поддршка. Ова е 25. година од воспоставување на билатералните односи и тука направивме голем напор на балканските простори, каде мислиме дека Македонија е многу значајна за трговскиот развој. Турските инвестиции изнесуваат 1,2 милијарди долари, а во наредниот период со наша заедничка волја ќе гледаме да ги зголемиме. Турција ја поддржуваше Македонија на секое поле, а истото ќе го правиме и во наредниот период. Македонија највеќе го заслужува членството во НАТО, а прашањето за името е голема неправда за оваа земја. Ние ќе инсистираме ЕУ да не се меша во внатрешната политика – рече Чавушоглу.
Според него, турската заедница во Македонија е значајна алка за одличните билатерални односи, односно нивните законски права во Македонија е тоа што ги врзува за земјата.
За Димитров, Македонија има поддршка од Турција за сите прашања поврзани со билатералните односи.
– За нас патот напред е градење позитивна слика на Македонија. Наша цел е да градиме односи кои ќе донесат стабилизација на регионот. Решени сме да работиме на добрососедска политика. Му се заблагодарив на Чавушоглу за поддршката за наш влез во НАТО. Македонија ја цени улогата на Турција која ја има во справувањето со мигрантската криза. Турција е шестти по ред инвеститор во Македонија. Со министерот имавме и конкретни идеи, бидејќи има интерес од големи турски компании да инвестираат во нашата држава. Турција носи голем дел од товарот во глобални рамки кога во прашање е тероризмот бидејќи се соочува со безбедносни предизвици. Ние заклучивме дека соработката на ниво на полиција и разузнавачки агенции е на задоволително ниво – рече шефот на македонската дипломатија.