Федерика Могерини и Јоханес Хан упатија честитки за усвоените уставни измени за примена на преспанскиот договор со Грција, а кои ја вклучуваат промената на името во Република Северна Македонија.
„Му честитаме на парламентот на изгласувањето на уставните измени. Тоа е важен чекор во имплементацијата на историскиот преспански договор“, се наведува во соопштението на Могерини и Хан.
Според нив, македонските политички лидери и граѓани покажале одлучност да ја искористат единствената и историска можност за решавање еден од најстарите проблеми во регионот и одлучно да тргнат на патот кон ЕУ.
„ЕУ силно го поддржува овој договор, кој е пример за помирувањето во регионот и цела Европа“, истакнаа Могерини и Хан.
Нагласија дека се во исчекување на целосна примена на преспанскиот договор постигнат помеѓу Атина и Скопје за идното име на Македонија.