“Утрово во пет часот официјално престана да важи одлуката на Владата која се однесуваше на ограничувањето на движењето на граѓаните, а која беше донесена со цел спречување на ширење на корона вирусот. Почнувајќи од 22-ри март, околу 70 дена граѓаните во различни периоди од денот имаа обврска да останат во своите домови и најголемиот дел од нив го направија тоа“.
Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес конференција во МВР а посветена на сумирањето на резултатите и активностите од работењето на полицијата во изминатиот период од воведувањето на рестриктивните мерки за сузбивање на епидемијата на “ковид 19“.
Оценувајќи дека граѓаните во најголем дел ги почитуваа мерките на Владата, и заблагодарувајќи се на таквото граѓанско поведение и поддршка, министерот Чулев истовремено им оддаде признание и на сите припадници на МВР, особено потенцирајќи ја улогата и активностите на припадниците на униформираната полиција. “Министерството за внатрешни работи успеа брзо да се екипира, реорганизира и веднаш да ги стави на располагање сите своите капацитети во улога на заштита на здравјето на секој поединец и затоа сум бескрајно горд, среќен и задоволен“, истакна Чулев.
Рекапитулирајќи го изминатиот речиси три месечен период министерот Чулев нагласи дека – “МВР беше ангажирано во контрола на спроведување на одлуките на Владата, понатаму во контрола на лицата во изолација и самоизолација, обезедувањето на државните карантини, спроводот на лицата кои преку хуманитарните конвои се враќаа во нашата држава“, рече Чулев.
На крајот министерот Чулев констатираше дека грешки и пропусти секогаш се можни – “ некогаш грешевме ние, а некогаш граѓаните. Но, од грешките учиме и сме во можност да се подобруваме и да го подобруваме работењето на полицијата во заедницата што е една од клучните и стратешки приоритети на Министерството за внатрешни работи“.
Министерот Чулев порача дека и покрај намалувањето на рестриктивните мерки насочени кон справување со пандемијата, сепак неопходно е и натаму да се задржи потребното ниво на одговорност и дисциплина и да се почитуваат мерките и одлуките на Владата кои се однесуваат на користење на задолжителна заштитна опрема, забрана за групирање и држење на дистанца, и дека МВР и понатаму останува посветено на контрола на овие одлуки и заштита на здравјето и животот на граѓаните.