Хрватскиот национален превозник, Croatia Airlines, ќе воведе нова сезонска авиолинија на релација Скопје–Сплит, од 12-ти мај годинава, најавува ТАВ Македонија, откако авиокомпанијата ги закажа летовите меѓу Меѓународниот Аеродром Скопје и аеродромот во Сплит.
Авиокомпанијата ќе лета меѓу главниот град на Северна Македонија и туристичкиот центар на Далмација во текот на летната сезона, од 12-ти мај до 14-ти октомври 2023 година.
Во овој период, Croatia Airlines ќе сообраќа со воздухоплов Dash 8-Q400, со капацитет од 76 седишта, два пати неделно, секој вторник и петок. Времето на пристигнување во Скопје ќе биде во 23:25 часот во вторник / 23:00 часот во петок, додека времето на заминување ќе биде во 5:45 часот, и во среда и во сабота. Времетраењето на летот меѓу Скопје и Сплит е околу 1 час и 25 минути.
За да го означи воведувањето на новата сезонска авиолинија Скопје – Сплит, Croatia Airlines ќе им понуди на патниците 15 отсто попуст за купување авионски карти во периодот меѓу 15-ти и 21-ви март, и за билетите во една насока и за повратните билети.
Промотивниот попуст ќе биде достапен на сите продажни места на Croatia Airlines, вклучително и за онлајн купување преку веб-страницата на Croatia Airlines (www.croatiaairlines.com) и преку мобилната апликација со внесување на промотивниот код SKOPJE15, како и на шалтерот на Croatia Airlines на Меѓународниот Аеродром Скопје.
Попустот се однесува на основната цена, додека аеродромските такси и другите надоместоци остануваат исти и се плаќаат во целост. Сплит ќе биде втората дестинација во Хрватска со која Меѓународниот Аеродром Скопје ќе биде поврзан.
Хрватската национална авиокомпанија лета на релација Скопје–Загреб секој ден.