Д-р Драги Ѓорѓиев е директор на Институтот за национална историја, но во моментов е во центарот на вниманието на македонската јавност, поради тоа што е еден од двајцата претседавачи, заедно со неговиот бугарски колега д-р Ангел Димитров, на Заедничката бугарско-македонска комисија за историските прашања и за учебниците.
Во последниот период од Бугарија стасаа многу обвинувања, вклучително и од Димитров, дека македонските претставници еднострано ја прекинале работата на комисијата, како и дека биле повлијаени. Во разговор за „Мета.мк“, Ѓорѓиев ги негира ваквите обвинувања, посочувајќи дека случувања покажале дека политичкиот притисок е многу повеќе застапен во Бугарија, како и дека не станува збор за еднострано прекинување на работата на комисијата, туку само несогласување во поглед на бројот на состаноци што комисијата треба да ги одржи. Бугарите инсистираа на повеќе средби, што е контрапродуктивно, вели македонскиот со-претседавач на комисијата.
– Работата на Комисијата е во согласност со Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, и таму во член 8 е наведено дека ќе се формираат тие комисии (се мисли на македонскиот и бугарскиот состав на Заедничката комисија – заб. авт), ќе се состануваат, но не е наведено колку пати треба да се состануваат. Ние почнавме со надеж дека два пати, три пати годишно ќе се среќаваме и ќе имаме размена на идеи, на препораки, на забелешки… Уште на почетокот од бугарска страна беше изразена желба, тенденција, тие средби да бидат почести. Ние се согласивме на четири средби годишно. Меѓутоа на бугарската страна и тоа не ѝ беше доволно, па сакаа шест средби годишно. И ние за 2019 година одржавме шест средби. потоа имаше притисок за плус две средби, за една во август и за една во декември.
Меѓутоа, се разбира, ние не прифативме, бидејќи лично јас сметам, а и од искуството што го имаме досега, знам дека тоа е контрапродуктивно. Што почесто се гледавме, толку повеќе растеа тензиите, толку повеќе чувствителните теми предизвикуваа недоразбирање помеѓу нас. И од тие причини, ние не го прифативме, предлогот за средба во декември, а имајќи го предвид предизборниот период кај нас, предложивме работата да паузира, не да прекине! Ние никојпат не рековме да се прекинат средбите, ниту сакам, јас лично, да се прекине, бидејќи сметам дека тоа ќе биде штетно и за нив, и за нас, и така тој процес ќе претрпи штета. Предложивме работата на комисијата да оди по електронски пат. Да разменуваме забелешки за учебниците, препораки, доколку дојдеме до одредени препораки, па дури и идеи за Гоце Делчев… – објаснува Ѓоргиев за Мета.мк.
Но, тоа не било прифатено од бугарска страна и веднаш е протолкувано како последица на политички притисок. Но во периодот на работење на Комисијата очигледно притисокот од бугарска страна беше многу поголем, вели директорот на Институтот за национална историја.
– Нашето барање не беше прифатено од бугарската страна, и беше, морам да кажам, произволно протолкувано како политички прекин на работата. Дека ние сме биле под влијание на политиката овде и дека од политички причини сме ја прекинале работата.
Но доколку се погледне наназад мешањето на политичарите во работата на бугарската комисија и мешање на нашите политичари, може да се види каде политичкиот притисок е поголем во работата на комисијата… И самото тоа што се врши постојан притисок за чести средби, за месечни средби за да се постигнат некои цели и решенија покажува всушност дека политичката позадина е поприсутна во работата на бугарската комисија – вели Ѓоргиев.