Д-р Емил Крстески: „Меѓународниот ден на Архивите го потенцира значењето на архивската професија во современото општество

Сподели

 

Денес архивите и архивистите низ светот го прославуваат 9 јуни Меѓународниот ден на архивите, чие одбележување има цел да ја популаризира архивската дејност и улогата на архивот во општеството. Овој ден има симболично значење, кое е добиено со формирањето на Меѓународниот архивски совет (International Council on Archives – ICA), меѓународна невладина организација чија основна задача е да го унапреди и промовира работењето во архивите и заштитата на светското архивско наследство. Меѓународниот архивски совет поврзува околу 200 држави со над 1.400 членови притоа остварувајќи континуирана соработка со УНЕСКО, Советот на Европа и со многу други организации во светот. Овој ден како празник на архивите и архивистите е прифатен на Годишното генерално собрание на Меѓународниот архивски совет, одржано во Квебек, Канада, во 2008 година. Во поново време Меѓународниот архивски ден прерасна во Меѓународна архивска недела.

 

И оваа година, поради ограничувањата наметнати од пандемијата од вирусот ковид-19, Меѓународниот архивски совет организира вебинари и работилници на повеќе теми од интерес на раководствата на архивите и професионалците, а на кои е предвидено да присуствуваат директорот д-р Емил Крстески и други вработени од Државниот архив. Темата на годинешната Меѓународна архивска недела е „Зајакнување на архивите“, а трае од 7 до 11 јуни и вклучува оддржување на вебинари на кои стручни лица ќе ги споделат своите гледишта во однос на овозможувањето отчетност и транспаретност на архивите, потоа за улогата на соработката и вмрежувањето при јакнењето на работата на архивистите и архивските организации, како и за полесната примена на вештачката интелигенција во архивската практика. Посебно внимание привлекува специјалниот вебинар „Градењето дигитални мостови: Дигитализација  за соработка и поврзување“, чијшто коорганизатор е УНЕСКО.

 

 

Државниот архив на Република Северна Македонија, во контекст на одбележувањето на Меѓународниот ден на архивите и 70 години од своето постоење дава придонес во подигањето на свеста за архивите и промоцијата на заштитата на архивскиот материјал. Документите не треба да бидат тешко достапни ниту, пак, се само за интерна употреба на историчарите. Во таа смисла Државниот архив го поддржува ставот на Меѓународниот архивски совет дека треба да се подобрува мислењето на јавноста за архивите. Нашата институција се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на архивите со поставена постојана постановка- ронолошка изложба „Документарното богатство на Архивот во Штип“ во Одделението на Државниот архив во Штип, која го опфаќа периодот од османлиското владеење до ослободувањето на градот. Авторите на изложбата се д-р Јасмина Дамјановска и д-р Бранислав Светозаревиќ. Сите заинтересирани граѓани може да ја посетат оваа интересна изложба, која го претставува градот Штип низ помалку познати факти и документи кои се значајни за нашата историја.

 

 

Директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, на сите архивисти во државата им го честита Меѓународниот ден на архивите со порака дека архивите и архивистите имаат исклучителна вредност во промовирањето на документираното наследство на човештвото.