Вести Колумна Македонија Текстови Ударни вести

ДА ЈА САКАМЕ МАКЕДОНИЈА – Александар Литовски

Сподели:

 

Омраза! Омразата се распослала на сите страни од Македонија. Омраза која не признава, апсолутно никаква, убавина и добрина на ова парче македонска земја. Омразата, од хроничните незадоволници и одродените врховисти, кон македонската држава и народот македонски, станаа секојдневни, нормални, природни…

Александар Литовски

Тоа е болната омраза која за сите вели дека се неспособни, деформирани, осакатени, неинтелигентни… Омраза која сака и ултимативно бара сите да се иселат од оваа наша држава. Која ужива во деградирањето и понижувањето на своите сограѓани. Омраза по која насекаде околу нас е блатиште, а сите сме се запатиле кон небидница. Фрустрациите,  злобата, завидливоста и омразата кај нашите мизантропи се толку големи, што не можат и не сакаат да забележат никакви убавини и доблести околу нив, а насекаде гледаат некадарност, нечесност, нелојалност, измами, алчност, кражби, ѓубре… Омраза која пропагира дека „нема поглуп народ од македонскиот… со најниско IQ“. Омраза со која, болните од духовна инсуфициенција, оние прости антимакедонски влечуги кои на секој втор збор употребуваат псовка или навреда за народот и земјата, го потценуваат и уништуваат патриотизмот македонски. Омраза кон земјата и луѓето заради, привремено и малкузначајно, освојување на власт и отворање на можности да се краде и оргија. Се чини, омразата направила од Македонија простор каде за убавото, способното, пријатното, милото и доброто, место нема.

Ваквата рахитична слика на стварноста и на сè она што е македонско, се создава преку ревизионизмот кој лаже и манипулира околу минатото и преку банализација и вулгаризација на јавната сфера. Без трошка одговорност, импотентните антимакедонци и зајадливите и завидливи циници заболени од полисијалија и птиоптизис, лишени од етички, родољубиви и морални вредности, без стил и вкус, скудоумни, полуписмени и без способност за логично промислување, шират хистерија и дефетизам, кои мутираат во монструозни анационални и антинационални етички, образовни, политички и културни нарации, кои како некаква злокобна мелница ни ги мелат и уништуваат идентитетот и животот.

А, памети, оваа наша прекрасна земја и поубави времиња. И тоа не така дамнешни. Времиња кога човек можеше да биде горд што е од Македонија.

Надреално, иако сосема вистинито, делува „приказната“ како Македонија од заостаната, аналфабетска и целосно разрушена земја, по Втората светска војна стигна до напредна, високообразована, инфраструктурно и индустриски изградена и успешна земја. Секој нормален човек и патриот може да „плаче“ од гордост што неговата земја некогаш била таква, што благодарејќи на тие државотворни неимари била не само пред многу други поголеми и „позначајни“ земји, туку во некои области како оние кои се допираат до социјалните и економски права, и со децении пред своето време. Во тие четири повоени социјалистички децении Македонија беше извлечена од провинциската анонимност и средновековната религиозна заслепеност, во многу сфери од живеењето. А, секако сите можеме да „лелекаме“ заради тоа што сме денес. Оти тогаш се градеше, а денес се разградува. Всушност, преку колективната филозофија кон работата во самоуправниот систем, се покажа патот како е можно успешно и хумано да се живее и работи, а и да се менува кон подобро целото општество, истовремено. Тогаш, дефинитивно и непорекливо, се водеше грижа за и луѓето, и за државата. Луѓето се мотивираа, негуваа и унапредуваа, не само на професионален план, туку и во холистичка смисла. Едноставно, од сите чесни и работливи македонски граѓани постоеше плодородна партиципација во прогресот на сопствената земја.

Во последните триесет години партиите во Македонија не само што го крадат и уништуваат јавното добро и природните ресурси, туку ги уништуваат луѓето. Поранешната успешна македонска „приказна“ е своевидна мензура за да се сфати девастирачката и антинационална денешна неолиберална „приказна“, но и да се покаже патот кон иднина. Но, токму затоа, денешните слабоумници и националшовинистички доктринери, преку бесниот антикомунизам, настојуваат да го оцрнат поранешниот успешен државно-економски проект и да се заборави квалитетот на живот, за да се мисли дека ова што денес го живееме  е нормално и прифатливо. Оттука и, голем дел, од антимакедонската пропаганда е насочена  кон тоа да не се помнат, или да се потценат, македонските луѓе и фирми кои по Втората Светска војна успешно работеа, кои ги победуваа на конкурси и тендери, на сите светски мердијани, своите конкуренти од Германија, Соединетите Американски Држави, Франција…, кои имаа со милијарди долари промет и добивки, кои даваа стипендии за млади и талентирани студенти, кои градеа станови за своите вработени, кои овозможуваа летувања и зимувања во работничките хотели кои сами ги градеа. Едноставно, не „учат“ дека треба да заборавиме дека тогаш, во социјалистичка Македонија, скоро секој Македонец – беше голем и значаен.

Секој, доколку е политички и идеолошки непристрасен, лесно може да сфати зошто тогашната македонска држава функционираше, не на еден беспрекорен начин, туку на еден пристојно ефикасен начин и зошто имаше нагорна развојна линија, со константно зголемување на квалитетот на живот на сите граѓани. Но и зошто, денешново, неолиберално општество не функционира. А, може и треба да функционира, но политичката елита треба да знае, умее и да го промени односот кон способностите и знаењето. Да го врати некогашниот однос кон луѓето, насоченоста кон иднината, ценењето и фаворизирањето на достоинството, работливоста и скромноста, кои веќе во минатото резултирале со „квантен скок“ на македонско општество… Сето тоа значи промена на  денешните доминантни карактеристики: партократија, националшовинизам, фолклоризам, традиционализам, конзервативизам, полтронизам и опортунизам, кои нè влечат кон национална, државна и персонална инволуција.

Македонскиот колективен дефетизам и нихилизам, се чини, ги достигнаа до своите максимални граници. Тоа е загрижувачки, секако. Денес, сите треба сериозно да се загрижиме заради немањето патриотско-македонска идеја, визија и волја на политичките лидери, водечките олигарси и интелектуалната „елита“, оти токму тие ги креираат реалните политики кои произведуваат квалитет на живот во сегашноста и иднината. Како што сведочиме, тие креираат непросветеност, националшовинизам, антикомунизам, економски бандитизам, цензури, поделби и конфротации. Затоа, како почеток, треба да ги отстраниме антимакедонските лаги и мистификации и нивните креатори, кои денес, многу често, се платени агенти на тајните служби од соседството. Треба да ги демистифицираме и детронизираме грдите заблуди, кои смислено произведуваат неверување во државотворните можности на народот македонски и кои сакаат да ја уништат Татковината. Треба да почнеме да веруваме во способностите на македонските луѓе и да ја сакаме Македонија. И тогаш, дефинитивно, повторно, како пред осумдесетина години, да почнеме да ја создаваме успешната македонска приказна.

 

Сподели: