ДА СЕ СПАСИМЕ ОД ВОЈНАТА – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

mersel-biljali

Во епот Махабхарат (древна Индија), се опишува како човек со името Кхалиб, цел живот сонувал да го посети преубавиот митолошки град Мохенџо Дара. Требало со недели да пешачи низ пустината за да стаса до таму. Кога по седум недели се приближил до градот бил фасциниран од неговата убавина. Но, на влезот кај главната порта, увидел безброј гробови на чии спомен-плочи пишувало страшни нешта. На едниот гроб пишувало – „Мегхалаја Јамму – ги убил своите деца“. Наредниот гроб – „Махараш Хандхра – ги убил своите родители и своите деца“. На секоја спомен плоча пишувало за убиени деца и други роднини. Кхалиб избезумен почнал да се тресе, срцето силно му чукало, чувствувал стегање во градите, солзите му течеле како чешма. Како полуден трчал од гроб до гроб, ама насекаде исти епиграми. Уште повеќе прснал во плач кога видел огромен гроб со најскапа спомен-плоча и безброј орнаменти каде што пишувало – „Јхаркханд Накобхар – убил илјадници невини луѓе“. Па, со кој морал му изградиле таков скап споменик на овај масовен крвник!?– извикал Кхалиб низ солзи!

Вратарот му објаснил дека овие покојни луѓе се прогласени за убијци на своите блиски, оти му помогнале на алчниот Накобхар да дојде на власт и да владее! Во негово време илјадници луѓе страдале и умреле од глад. Се уништувале фамилии и племиња. А кога луѓето масовно му се спротиставиле, тој Накобхар употребил едно чудно оружје за масовно уништување наречено – Брахмаширас, со што бил уништен целиот град. По три века, дури сега почнал животот да се враќа тука.

Такви алчни водачи со болни умови и нас не` водеа, терајќи бројни луѓе да ја убиваат иднината на своите најмили, а истовремено претворајќи ги во убијци на чесноста, на вистината, правдата, достоинството, моралот и прогресот. А со тоа и на животот како целина. Нечии животи ги претворија во комедија, а други во трагедија. Сето тоа, во име на борбата против некакви „мрачни сили“, а такви ти биле самите тие. Таквите „сили“ и` служеа на власта за да го сокрие нејзиното мрачно владеење со помош на сатанизација. На таков начин со години создаваа невиден стравопочит, дури луѓето морале да принесуваат жртви пред Сатаната (егзудус, сиромаштија, понижување). Со години власта ги тера луѓето да веруваат дека Сатаната е подобар од самиот Бог, оти Сатаната симболизира – добрина, правдина, чесност, љубов и добробит, а Господ нешто сосема спротивно. Ритуалот на владиниот сатанизам се засновал врз магијата за некаква љубов и патриотизам, кој впрочем бил само љубов кон народните пари. Но, со експлодирањето на бомбите на Заев, на Сатаната му падна златната маска и луѓето беа згрозени од страшното грдо лице на Сатаната.

Сега ние сме пред историската пресвртница. Ќе се спасиме ли од можната опасна регионална војна елиминирајќи ја политичката мафија или ќе допуштиме самоуништување. Куманово покажа дека власта нема лесно да се откаже. За среќа, странците и овдешните народи не подлегнаа на таквото кобно сценарио! Но, никој не треба да биде наивен дека политичките криминалци на ДПМНЕ и ДУИ лесно ќе се откажат од слични дејствија. Ние имаме власт која ако треба со црниот ѓавол ќе се договара, само да оптстои. Првин на Груевски и Ахмети НАТО и ЕУ им беа главен рефрен додека не дојдоа на власт. Потоа продолжија со интриги. Името на државата го претворија во силно оружје за уништување на евроатлантската агенда. Како замена свртија кон Путин. Ја лансирале песната „Заплакала Македонија за Путин“, „НАТО – терористичка организација“, „Алтернативна опција“ итн. Со години медиумските отпадници го правеа своето. Но, кога увидоа дека Путин во Македонија не гледа сојузник, туку плен, и дека не го игра ова водство, се уплашија и пак лажно свртеа кон запад, сега чекајќи како за греота пред вратите на маргинални конгресмени, кои не знаат ниту кај се наоѓа Македонија, за да, за пари кажат колку„импресивно лидерство“ има кај Груевски!!! А истиот ден, претседателот на Американската асоцијација на јавни обвинители кажа дека формирањето на СЈО е само прв чекор во разрешувањето на случајот…

Регионот воопшто не е стабилен, а башка ако тој е предводен од политичка мафија. Западот е одлучен да ја симне мафијата од власт во целиот регион за да не избие војна. Не случајно деновиве германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнамер кажа: – Сегашниот период е „поопасен” од времето на Студената војна. Факт е дека Русија посакува дестабилизација на целиот регион и Европа како целина, со цел да ги зајакне своите позиции. Случувањата во Република Српска и тајното финасирање на опозицијата во Црна Гора, се конкретни чекори во таа насока. Целта е дестабилизација на целиот регион. А и кај нас двајцата, и Груевски и Ахмети добро знаат дека тука се уште капка омраза е многу повеќе отколку река разум, па затоа играат на договорен национализам, а се си делат братски. Силно се штитат меѓу себе.

Исто така, зближувањето меѓу диктарторите Путин и Ердоган, може лесно да резултира со бегалска катастрофа во Европа. Познатиот аналитичар Пол Гобле мисли дека тоа е сосема лесно,со цел, зајакнување на руските позиции на Балканот и Европа. А при таква ситуација, главни нејзини регионални играчи би биле Грција и Србија што е смртоносно за Македонија.

Оттука, борбата против режимот и мафијата, не значи само слобода, демократија и развој, туку и спас од можната регионална војна. СЈО како легитимен истерувач на ѓаволот не треба да бидат сами. Треба и ние граѓаните, здруженијата, студентите, земјоделците силно да се спротивставиме на нашето уништење додека не е доцна. Човек што не се бори со злото, тој е умрен, ама сеуште не е погребан. Нашата судбина не е по некоја случајност, туку по наш избор. Тие што се уште “не ги интересира политиката” ризикуваат да на нивните гробови утре да пишува – “Н.Н. ги убил своите деца и го уништил својот народ”.