На сцената на Националната опера и балет утре (20 март) со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена раскошната и драматична балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музика на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“.
„Диригент е Иван Еминовиќ, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, а раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка“, информираат од НОБ.
Во главните улоги ќе настапат нашите балетските првенци: Мими Поп Алексова Атанасовска и Бобан Ковачевски, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.